Судењето за „Геријатрија“ во фаза на доказна постапка, наредното рочиште на 10 ноември

Од:

Во Основниот кривичен суд Скопје денеска продолжи судењето за случајот „Геријатрија“ против поранешниот директор на Специјализираната болница за геријатриска и палијативна медицина Мухсин Арифи и негувателот Блерим Амити, обвинети за примање поткуп и награда за противзаконито влијание.

Судењето е во фаза на доказна постапка, при што Судот продолжи со сослушување на сведоци предложени од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО-ГОКК) и изведување на материјални докази од страна на одбраната на обвинетите.

Адвокатот Скендер Мехмети, бранител на обвинетите, пред Судот презентираше документи од Специјализираната болница за геријатриска и палијативна медицина, меѓу кои статут, процедури и законски одредби, со цел да покаже дека Арифи и Амити немале намера да извршат противзаконито дејствие. Според него, доказите упатуваат на тоа дека се работи за недоразбирање кое настанало во овој настан.

Жената која што ги пријави обвинетите за барање поткуп во замена за хоспитализација на неподвижна пациентка со повеќе здравствени проблеми, на минатото рочиште пред Судот сведочеше дека обвинетите Арифи и Амити барале 20.000 евра почетен капар, а крајната цел им била да се дојде до станот на пациентката.

Според нејзиното сведочење Арифи и Амити го злоупотребиле матичниот број на пациентката за да ја истражат нејзината имотна состојба, по што директорот Арифи преку обвинетиот Амити почнал да го бара недвижниот имот на пациентката. Настанот го пријавила откако директорот ѝ посочил дека тој одлучува кој пациент ќе биде примен во болницата, нагласувајќи дека директорот Арифи не отстапил од неговото барање од почеток до крај.

Обвинителството го товари Арифи дека побарал имотна корист од 20.000 евра за да овозможи болнички прием на пациентка во тешка здравствена состојба, додека Амити, пак, кој претходно го познавал сведокот, се понудил да посредува и ја примил паричната сума, при што бил фатен на самото место од страна на полицијата.

Обвинителката Искра Хаџи Василева, претходно пред Судот нагласи дека случајот е пример за длабоко вкоренета корупција во општеството. Хаџи Василева посочи дека обвинетите дејствувале од лукративни причини, со цел лично богатење, искористувајќи ја ранливоста на пациентката и нејзината потреба за итна медицинска грижа. Таа истакна дека сведокот, кој е давател на доживотна издршка на пациентката, го пријавил случајот, а доказите, според неа, јасно ги документираат коруптивните дејствија низ неколку сукцесивни настани.

Судскиот процес го водат судиите Ленка Давиткова и Илија Трпков. Судењето продолжува на 10 ноември 2025 година.

Би можело да ве интересира

Закон за пушење vs Закон за игри на среќа

МНР: Бугарското МНР наместо партнер, сѐ почесто настапува како рецензент на македонските политичари

Онлајнмедиа со осуда за прес конференцијата на СДСМ: Партијата не смее да дискредитира медиуми

Кумановци што работеа во Ирак и Авганистан повторно на протест пред општинската зграда

Ѓорѓиевски: Воведуваме ред, безбедност и модерен сообраќај – градот Скопје ќе има клучна улога во Сејф Сити системот

Сведоштва за пожарот и последиците во „Пулс“, судењето продолжува на 2 февруари