Судењето за предметот на специјалното јавно обвинителство „Таргет-Тврдина“, во кој меѓу обвинетите се и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, и поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, е одложено за 27 март. Причината за одложувањето е тоа што судијата Горан Бошевски побарал изземање зашто го оценувал обвинението и треба да одлучува како втор судија.
До следното рочиште се очекува да заврши екстрадицијата на бегалците Горан Грујевски и Никола Бошкоски, кои се меѓу обвинетите во случајот.
Во кривичниот суд денеска беа присутни 9 обвинети, меѓу кои и Мијалков, Јанкулоска, Тони Јакимовски, поранешен шеф на кабинетот на Мијалков, Владимир Варелов чиј идентитет го користел Горан Грујевски, како и службеници во УБК.
Според обвинението за „Таргет“, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби. Следена била и комуникацијата пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или 5.827 телефонски броеви, со кои биле прислушувани над 20 илјади граѓани. СЈО утврдило дека незаконското прислушување продолжило и по објавувањето на аферата со прислушувањето од лидерот на опозицијата Зоран Заев и во текот на 2016 година. Во „Тврдина“ станува збор за уништување на опремата за прислушување вредна 10 милиони евра и на документацијата за набавката на таа опрема.
В.М.