ТЕОРИЈА НА АПСУРДОТ
Колумна на Гоце Димовски, режисер
Апсурдот по дефиниција е филозофски концепт кој се фокусира на реалноста што изгледа ирационална, или, непредвидлива. А тоа е конфузијата на човечките постапки во животот, во услови кога логиката и традиционалните норми не важат. Што би рекол големиот француски писател и филозоф, Албер Ками, во своето дело “Митот за Сизиф”, цит. “Животот е апсурден бидејќи човекот трага по смисла, а светот е без неа”. Значи, Ками го дефинира апсурдот како конфликт меѓу човечките напори да се најде смислата, и светот, што не нуди таква смисла. И тука веќе народот е изгубен во универзумот. Меѓу многуте теми од општествен карактер, една, навистина ја доживеав за исклучително вредна и инспиративна за дискусија.
Тоа е законот кој би можел да се дефинира како закон за миграција, или ре-миграција на младите, да се населат во рурални средини, со стимул од 100.000 евра. Таков закон во повеќето земји членки на ЕУ, е донесен и се практикува многу поодамна. Би сакал да направам куса експликација и да споделам лични искуства преку мојата автентична приказна.
На прашањето, дали законот е добар? Категорично, совршен! Дали би успеал? Се разбира, Не! Ако прашате зошто, еве зошто…
(Histoire authentique)
Во договор со семејството, одлучивме, заедно со сопругата да направиме трансфер, ре-миграција, од Скопје, во мојата природна средина Демир Хисар. Без никаква државна субвенција, без никаков надомест, се разбира. За многумина во моето опкружување тоа беше голема контроверза со различни мислења и ставови. Вработен бев со мојата прва професија во Стоматолошки Клинички Центар „Св. Пантелејмон“-Скопје, на клиниката за протетика. Безмалку имав 32 години работен стаж. Трансферот требаше да се направи во Психијатриска Болница-Демир Хисар. Помисливме, ќе бидеме меѓу своите роднини, другари од раното детство, меѓу поранешните, а и сегашни пријатели…
Процедурите за трансферот иако беа доста сложени, може да се рече дека ги поминавме некако полежерно. Со многумина во министерствата имав и лични релации, а оние другите, непознатите, барањето го доживуваа како невообичаена пракса.
А можеби и помислуваа: Па зошто да не, нека одат… На нивните места ќе „пикнеме“ некое наше внуче… Скоро никој, или значително малку случаеви го побарале тоа. Верувам дека тоа беше и некаква олеснителна околност. Како и сега, сите македонски граѓани кои добиле идеја да мигрираат (посебно помладите) беа, и се, фокусирани, или надвор од границите на државата, или кон Скопје, а ние спротивно…
Конечно стигнавме во Демир Хисар. Оние кои претходно не познаваа, посебно роднините и поблиските пријатели, мислам дека беа среќни колку и ние. Веруваа дека нашиот чекор треба да послужи како пример за патриотизам, особено што тоа го направивме во средина која исчезнува со забрзана динамика. Беше 01.10.2022 година. Пристигнавме во институцијата, Психијатриска Болница – Демир Хисар. Се пријавивме за прием кај тогашниот директор. Веднаш, на самиот влез во првата просторија, не дочека секретарка. Накусо, вистинска дама, со сите цивилизациски одлики на изградена личност-човек. Не е возможно тоа да не се препознае. Не упати во канцеларијата на директорот. Всушност, веќе беше нова директорка. Младо девојче, изгледаше импозантно. Не дочека во кабинетот кој по малку ми наликуваше на оној од другарот Јосив Висарионович – Сталин. Се обидуваше да остави впечаток на љубезност, но сепак во нејзината експресија на лицето и се гледаше некаков гнев… Се разбира, без причина, бидејќи претходно, претпоставувам, локалниот партиски „шериф“ (на тогашното СДСМ) ја информирал, дека овие што ќе дојдат се душмани од Скопје, кои ги загрозија работните места на членовите на партијата…
Оти тогаш, шерифот, (иако не беше актуелен претседател) од Битола го координираше политичкиот живот во демирхисарската општина, во најситни детали.
Од таа позиција, по некакво сродство, го поставил девојчето на в.д. директорска позиција со CV – бела книга (livre blanc), и без да помисли дека ја втурнува во многу опасна авантура. Потоа, шерифот, кај неговата мала група послушници продолжи да создава колективен отпор против нас. И секако, добар дел од нив ги прераскажуваа неговите импресии на тогаш актуелната тема „Душманите“, па бев во тек скоро со се… Зачудувачки е како воопшто им се наметнал како некаков авторитет, а по ништо значаен. Изгледа не му беше познато дека и јас сум автохтон и многу пред него етаблиран демирхисарец, а разликата меѓу неговиот култ во јавноста, наспроти мојот, е на пример, како во музиката тапанџијата Доне Куре од Велмевци, да се споредува со Фридрих Шопен. Многу набрзо проучив скоро се за него… па помислив, преку портрет да го претставам на македонската јавност, но тоа не го направив од лични причини, верувам за него не разбирливи… И така, девојчето продолжи да директорува со лични опструкции кон нас (колку што можеше) и видлива доза на ароганција. Се однесуваше како руската царица Екатерина Велика, само што реално, е многу поубава. Нејзината поширока фамилија ми се сите познаници, еве, да не речам пријатели, оти можеби не ме доживуваат така… кој би знаел.
Со промената на власта, заврши и ерата на директорката. Според вообичаени принципи за поделба на ресори и ешалони, Психијатриската болница во Демир Хисар ја доби партијата ЗНАМ, од владеачката коалиција. Најчесто, па и скоро секогаш, малите општини служат за поткусурување во меѓупартиски пазар.
Па така, набргу пристигна новиот в.д. директор, (можеби фатен со мижење) Жан Лозановски, во јавноста познат и како Жанко Палучка. Не знам по кого и како ја добил идентитетската додавка. Можеби по некој пејач, или славен фудбалер, а реално не знам и како е точно по лична карта. Сосема небитно. Но, не е небитно јавното мислење на персоналот од Психијатриската болница, како и општиот јавен став меѓу граѓаните во Демир Хисар, по прашањето за ова кадровско решение. Прво, како надворешно лице, се прекршува законот, т.е. правилникот за в.д. директор, и доаѓа од општина Демир Хисар, сo C.V. неофицијално, само неговото име и презиме, со работно искуство – општински курир, архивар… Немам точни информации за неговото формално образование и писменост, но едно е сигурно, дека според досегашните резултати од скоро едногодишното раководење со институцијата, се навестува дека станува збор за човек кој е функционално неписмен. Еве зошто…
Во животот и мојот досегашен работен век, имав можност да стекнам огромни искуства, работејќи и престојувајќи во реномирани институции, на пр. како Универзитетската клиника за стоматологија во Скопје, која своевремено важеше како здравствена установа за престиж во државата. Исто така, имав можност да стекнам големи животни и професионални искуства и надвор од границите на Република Македонија. Но вакво чудо во мојот живот не сум сретнал, нити сум видел… Се менувале директори, добри или помалку добри. Можеби имало и лоши, но овој, актуелниот в.д. директор на „ЈЗУ-Психијатриска болница Демир Хисар“ не би можел да го сврстам во ниту една позната категоризација. Мора да се земе во предвид податокот, дека точно оваа болница, своевремено важеше за една од најдобрите во просторите на поранешна Југославија. Одличен персонал и не само по формално образование, туку искусен и обучен стручен кадар скоро на сите работни позиции, подготвени во секој миг да одговорат на своите професионални предизвици. Центар за рехабилитација со опремени кабинети, во најдобрите на балканот, со оној во Загреб, Република Хрватска. Многу е важно да се знае дека годишниот буџет на болницата е значително поголем од општинскиот. И…?! Доаѓа горенаведениот, и прави апокалипса во болницата, па и во здравствениот систем на државата.
Ќе се обидам сосема накусо да ја доловам природата на неговите реални вештини, во две области кои би требало да се и некаков критериум за функција.
Етички и професионални. За првата област, ви пренесувам лични искуства во форма на две сцени.
Прва сцена:
Еден ден , во болницата пристигна италијански новинар. Секако, најавен, кој работел на некаков европски проект за психијатриски болници низ Европа, можеби и пошироко… Бидејќи в.д. директорот не познава ниту еден од светските јазици, отидов јас да се разберам со гостинот. Љубезно се поздравивме. В.д. директорот стоеше до нас, па веднаш ми се обрати мене: Кажи му дека сум курвар. Искрено, малку ме збуни, иако италијанскиот новинар не знаеше што ми зборува в.д. директорот. Како така… го запрашав. Да, да, така речи му… ми потврди уште еднаш. Во ред, му одговорив, и му кажав на новинарот. Гостинот остана така малку зачуден и скоро да не забележав некаква реакција. Подоцна, после дневната дружба со мене, гостинот ми постави вакво прашање: Вистина оваа карикатура ви е директор? Да, накусо му одговорив, и тука заврши дискусијата по таа тема.
Втората сцена:
Утро, точно 8 часот. Пристигнувам пред зградата на центарот за рехабилитација, на работното место. Пред влезната врата стои в.д. директорот и зборува на телефон. Добро утро, го поздравив. Тој не одговори ништо, не ме отпоздрави. Во моментот заврши со разговорот, а јас продолжив со некаква неврзана конверзација. Што правиш толку рано, уште од сабајле со телефонот? – го прашав. Еве, се договарам со жени… ми одговори. Гледај само да не ги настиниш… оти уште е рано, му одговорив. Тоа е… си помислив. И пред да влезам во зградата ми се обрати уште еднаш: За тебе, што дојде овде, треба некој да оди во затвор. Искрено, повторно малку ме збуни. А за што би требало некој да оди во затвор… го прашав, но не ми одговори. По малку се почувствував испровоциран и му се обратив. Па ако е така, покрени веднаш обвинение, во спротивно ти ќе одговараш за злоупотреба на службена должност и овластување, како и за прикривање на незаконити дејствија. Повторно ништо не одговори, продолжи да чепка во телефонот и замина. Помислив, ете сега… Овој простак ќе затворал министри и директори кои потпишале согласност за мојот трансвер од Скопје во Демир Хисар…?! Едноставно, тоа утро не можев никако да си објаснам од каде и како произлегува таква злоба од луѓето… Едноставно, немав одговор.
Ова се само две, од мноштвото слики во врска со етичките одлики на постечкиот в.д. директор.
Во другата област, за професионалните вештини, од позиција на актуелен менаџер на болницата, резултатот е следен:
Неконтролиран одлив на финансиски средства од буџетот на болницата по основ на тужби од вработените. Бројката на судски предмети кои завршиле со судски пресуди, и на оние кои се во тек, е огромна. Станува збор за енормни суми кои се исплаќаат на вработените поради прекршување на законите и непочитување на нивните работнички права. Точен податок е недостапен, но според неофицијални информации, само за минатата 2024 година, по основ на тужби (основица, камата и извршители) од сметката на болницата се одлеани 7.500.000,00 (седум милиони и петстотини илјади денари), или 122.000 евра. Фасцинантна бројка која нанесува многу сериозни финансиски импликации врз тековното работење на институцијата.. За појаснување, болницата досега нема добиено нити еден судски спор. Зачудувачки е како нечија бахатост и дрскост одат до таму, што таканаречениот в.д. директор, го опструира дури и управниот одбор. Вероватно не е запознат дека по хиерархија, управниот одбор е повисок орган од него. Ова се само дел од функционалните недоследности предизвикани од ова лице и не е познато дали се резултат на професионална неписменост, или станува збор за однапред смислен корупциски чин.
Дополнителни одговори јавноста би требало да добие од надлежните институции. Еве предизвик за Министерот за здравство, Финансиската полиција, Јавното Обвинителство на Р. Македонија…
Да веруваме во членовите 353 и 353-в, од Кривичниот законик на Р. Македонија, или да продолжиме да живееме во онаа филозофска концепција наречена АПСУРД, во вечна конфузија, без логика, без норми… Спас…?! Господ да ни е на помош!