Новинарството го губи интензитетот на двигател на демократијата и професија што се бори за слободна мисла и непристрасно пренесување на информациите. Врз уредувачката политика влијаат симбиози на политички партии со новинарски куќи или сопственици на медиуми со новинари, што резултира со поделеност, навивачко и еднострано известување, сметаат професори на Студиите по новинарство, кои денеска одбележаа 35 години постоење.
– Триесет и пет години се обидуваме да ги научиме студентите на теоретските аспекти, да бидат деполитизирани, да ја кажуваат вистината и да известуваат само според научно утврдени методологии. Но, факт е дека има злоупотреба на новинарската професија и дека има новинари кои навивачки се однесуваат кон една или кон друга провениенција, политичка структура или групација, што не е добро за новинарството. Само ако се оди согласно со образованието и со теоретските аспекти кои им ги даваме тука, може да очекуваме дека ќе имаме непартиско и чесно новинарство. Слободното новинарство е еден од столбовите на демократијата, изјави Борче Давитковски, декан на Правниот факултет каде што се студира новинарство.
Според проф. Љубомир Јакимовски, престрого е да се каже дека новинарството го допрело дното и смета оти тоа има позитивна мисија во развојот на македонското современо општество. Од друга страна, рече тој, треба да постои свесност за неговото влијае врз формирањето на јавното мислење.
– Кога новинарството и медиумите во Македонија влегоа во фаза на комерцијално работење, се случија процеси кои можеа сериозно негативно да влијаат врз новинарството како слободна и значајна општествена професија. Медиумите и кај нас денеска се конституирани како компании, како економски субјекти кои се раководат од профитот и се создава специфична мрежа на односи во кои новинарството станува зависно од начинот на кој медиумот е пазарно ориентиран. Би било генерализирање ако кажеме дека сите медиуми се свртени кон државните, политичките и економските центри на моќ, но тој факт не треба да се пренебрегнува, зашто свесни сме за една тенденција дека новинарите наместо да се ориентираат кон нивната публика, се повеќе се ориентираат нивните текстови и емисии повеќе да им се допаѓаат на уредниците и на сопствениците, рече Јакимовски.
Добри и лоши страни во практикувањето на новинарството гледа и проф. Тања Каракамишова, која посочи дека влезот на политиката во новинарството ја замаглува неговата вистинска вредност. – Има големи влијанија и голем број неетички однесувања, но сигурна сум дека новинарите ќе бидат супериорни во креирањето на јавното мислење и ќе се ослободат од политичките притисоци и од самоцензурата која, за жал, е присутна, можеби поради лични интереси кои се повеќе ги има, рече Каракамишева.
Зборувајќи за Катедрата за новинарство, проф. Томислав Груевски посочи дека таа сега располага со доволен број кадар и со стручна литература на македонски јазик. – Нашите студенти имаат задача да го трансформираат и поудостојат нашиот комуникациски систем, истакна Груевски, според кого треба да се надмине искуствената школа и новинари да бидат само тие што завршиле новинарство.
Првото предавање од областа на новинарството е одржано на 1 ноември 1977 на Филолошкиот факултет. Интердисциплинарните студии се проект на Филолошкиот, Правниот, Филозофскиот и Економскиот факултет, од каде што се и професорите кои предаваат. Во 1985 целосно преминуваат на Правниот факултет. Наставниот план е реформиран од 2006 кога почнува примената на Европскиот кредит-трансфер систем (ЕКТС). Од оваа година има нова студиска програма за додипломските студии и модернизирани се трите програми за постдипломски.
Наспроти светската статистика која регистрира пораст на интересот за студирање комуникација и односи со јавноста, на Правниот факултет има опаѓање на бројот на запишани во прва година. Оваа година 48, за разлика од 125 редовни и 87 вонредни во првата генерација (1977). За три и пол децении дипломирале нешто над 1.000, на постдипломски се запишале 134 и магистрирале 25.
Годишнината од постоењето на студиите беше одбележана со промоција на Зборник со 30 стручни трудови и со трибина „Актуелните состојби во новинарството и медиумскиот систем во РМ“.