Десет идни студенти од општина Виница ќе добиваат месечен кредит по 5.000 денари како поддршка за своето школување на некоја од техничките или природните науки.
Оваа сума како кредит ја обезбедува компанијата „Макпрогрес“ со цел да ги насочи завршените средношколци во нивната професионална ориентација, а истовремено да обезбеди стручен кадар за своите производствени капацитети.
– Средношколците кои своето образование ќе го продолжат на машинската, електро и биохемиската струка или ќе изберат да студираат на прехранбената струка, ќе добиваат кредит. Освен тоа, им овозможуваме сезонска работа во текот на летниот период и практикантство со надоместок, рече извршниот директор на „Макпрогрес“, Глигор Цветанов.
Нови двесетина бруцоши кои ќе се запишат на соодветните студии од наредната студиска година ќе можат да добијат и стипендија од 2.500 денари преку здружението „Свет крст“ од Виница.
На отворениот ден со матурантите, дел од вработените во виничката прехранбена компанија го презентираа своето повеќегодишно работно искуство, со порака дека високостручниот кадар има шанса да се вработи и да заработува многу повеќе од просечната плата и во домашни услови.