До 3 февруари трае рокот за аплицирање за стипендии за студенти од ромската етничка заедница за академската 2016/2017 година, кои Министерството за образование и наука почна да ги доделува минатата година.
Поради големиот интерес и успехот во студиите на корисниците на стипендии за 2015/2016, оваа година ќе бидат доделени 50 стипендии, односно 18 повеќе од минатата година, соопшти денеска на прес-конференција заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски.
Стипендиите се во месечен износ од 5.000 денари и ќе се исплатуваат девет месеци, т.е. за времетраењето на студиската година. Обезбедени се од буџетот на МОН.
– Конкурсот е веќе објавен на специјализираната интернет страница за доделување стипендии на МОН stipendii.mon.gov.mk и предвидува доделување на вкупно 50 стипендии за студенти Роми запишани на додипломски студии од прв циклус на јавните и приватните универзитети и високообразовни установи во Република Македонија во академската 2016/2017 година. Од нив 25 се наменети за студенти бруцоши и 25 за студенти запишани во втора и погорните години на студирање, рече Ристовски.
Во објавениот конкурс се наведени потребните документи кои кандидатите треба да ги достават во МОН заклучно со последниот ден од конкурсот – 3 февруари, како и условите за аплицирање. Предност при доделувањето на стипендиите ќе имаат тие што студираат на високообразовни установи кои продуцираат дефицитарен наставен кадар – природно-математичките, филолошките и педагошките факултети.
Реџеп Али Чупи, директор на Управата за развој и унапредување на образованието на јазиците на припадниците на заедниците, рече дека стипендирањето на студентите Роми дава резултати и затоа бројот на стипендии годинава е поголем од лани кога беа доделени 32 стипендии, од кои 21 беа за бруцоши, а 11 за студенти од повисоки студиски години.
– Од вкупно 32 студенти Роми поддржани со стипендија во академската 2015/2016, 26 односно 81 процент успешно ја завршија студиската година во која беа запишани и навреме запишаа нова повисока студиска година. Само шест стипендисти не успеаја навреме да ја завршат годината и успешно да транзитираат во следна, рече Чупи кој, како и Ристовски, апелираше до заинтересираните да ја искористат можноста за стипендија и навреме да се пријават.
Инаку, за средношколци Роми финансиска поддршка се обезбедува во изминатите осум години и досега се доделени 4.600 ученички стипендии, а за мотивирање и подучување на децата од оваа етничка заедница се ангажирани илјада ментори и тутори.
На новинарско прашање дали зимскиот распуст за учениците ќе биде продолжен поради снегот и грипот, Ристовски одговори дека за пролонгирање на распустот имаат иницијатива од една општина и откако ќе ја разгледа, МОН деновиве ќе го соопшти ставот.
На реакциите дека распустот е пократок т.е. дека второто полугодие оваа година почнува пред неработниот ден за Водици, а не по него, од МОН претходно појаснија дека во учебната година треба да има 180 работни денови. Со оглед на тоа дека во оваа повеќе празници се во работни денови, зимскиот распуст е пократок за еден ден.