„СПУКМ ние сме вашиот крај“, „Добро утро студенти, будни ли сте“, „Уште оваа година на Водно, од другата година екстерно“. „СПУКМ остани на Водно“, се дел од пораките кои студентската иницијатива „Студентски пленум“ им ги испрати на нивните колеги од Студентскиот парламент.
Лидерот на СПУКМ овие пораки ќе може да ги прочита на планинарењето на Водно кое го организираат за сите бруцоши и е задолжително.
Од студентскта иницијатива која е против екстерното тестирање од Студентскиот парламент бараат посериозно застапување на нивните интереси и наместо да организираат забави и манифестации серизоно да се земе предвид одлуката на Владата да се воведе државен испит на факултетите.
„Сметаме дека е поразително што официјалната студентска организација, која се финансира директно од финансиските средства на студентите кои студираат на факултетите при УКИМ преку ставката ИКСА, досега не застана на страна на студентите“, пишуваат од „Студентски пленум“.
Соопштението на студентската иницијатива „Студентски пленум“ ви ја пренесуваме во целост.
„Студентската иницијатива „Студентски пленум“ на 04.11.2014 (среда) постави табли на патот кон средно Водно со цел потсетување на Студентскиот парламент при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ дека треба да заземе проактивен став на темата државен испит, најавена од Министерот за образование и наука, Абдулаким Адеми.
Имено, поводот за оваа акција е организирањето на студентско планинарење на Водно од страна на СПУКМ, кое е задолжително за студентите од прва година од УКИМ. Сметаме дека СПУКМ треба да почне посериозно да ги претставува интересите на студентите на најголемиот државен универзитет во Македонија, наместо само да организира студентски забави и манифестации кои немаат за цел подобрување на положбата на студентите во Македонија.
Сметаме дека е поразително што официјалната студентска организација, која се финансира директно од финансиските средства на студентите кои студираат на факултетите при УКИМ преку ставката ИКСА, досега не застана на страна на студентите кои бараат да не се воведе екстерен испит кој само дополнително ќе ги оптовари студентите и ќе ги спречи оние кои нема да прикажат позитивни резултати да го продолжат своето студирање.
Според член 349 и член 350 од Статутот на УКИМ, Студентскиот парламент при УКИМ е официјалното тело кое треба да ги претставува студентите пред органите на Универзитетот, факултетот и јавноста. До сега, СПУКМ како организација нема излезено со никаков став во јавноста на темата државен испит-мерка која нема да донесе никаков квалитет во високото образование и само ќе го попречи образовниот процес на многу млади луѓе во Македонија. Важно да се напомене е дека Студентскиот пленум не го признава СПУКМ како легитимен претставник на студентите.
Овие активност на Студентскиот пленум се најава за понатамошните активности на оваа иницијатива, чија главна цел е спречување на воведување на државен испит во високото образование.
Студентскиот Пленум е автентична студентска иницијатива која има за цел да ги обедини студентите во Македонија во одбрана на нивните права. Студентскиот Пленум е составен од студенти кои активно се вложуваат во борбата за студентските права. Во него можат да учествуваат сите студенти кои сакаат да бидат дел од заедничката борба, но притоа секој е должен да пристапи како индивидуалец без никакви партиски влијанија.
Секој во Студентскиот Пленум има право јавно да го изложи своето размислување и притоа да биде слушнат, понатаму секој има право да се вклучи во било која работна група при Студентскиот Пленум- но при тоа во таа група активно да се вложи. Секој во Студентскиот Пленум има право да биде еднакво информиран за работата на Пленумот“, стои во соопштението доставено до медиумите.