Со симулирана вежба во која на девојка и е нанесена тешка повреда на раката како резултат на користење пиротехнички средства, на плоштадот „Македонија“ денеска Министерството за внатрешни работи и Црвениот крст алармираа за опасноста од употребата на петарди и други распрскувачки материи.
Портпаролот на МВР Тони Ангеловски потенцира дека секоја година во целиот свет околу 180.000 лица годишно страдаат поради употреба на пиротехнички средства.
– Во овој период пред новогодишните и божикните празници за жал имаме појава на користење пиротехнички средства, појава која може да биде многу опасна и која секоја година во целиот свет резултира со бројни повреди. За жал врапирачки се информациите дека околу 180.000 лица годишно страдаат поради употреба на пиротехнички средства, факт е дека во нашата држава се помала е употребата, но се уште е присутна како појава. Ние како Министерство за внатрешни работи во соработка со нашите партнери од Црвениот крст и од други невладини организации постојано преземаме репресивни мерки за санкционирање, но и вакви превентивни акции со кои се обидуваме да стигнеме до свеста кај граѓаните, изјави Ангеловски.
Портпаролот на МВР упати апел до родителите кои на своите деца им купуваат петарди, нагласувајќи дека тие не се играчки туку опасност која може трајно да предизвика инвалидитет или некоја потешка повреда.
И претставникот на Црвениот крст Арген Чиљафи алармира за опасноста. Изрази надеж дека ваквите акции ќе бидат од големо значење при превенцијата од употреба.
-Црвениот крст на град Скопје денеска заедно со волонтерите од тимот за спасување спроведоа симулациска вежба заедно со МВР, со тоа сакаме да дадеме на значење на опасноста од употреба на пиротехнички средства. Секогаш ќе поддржуваме секаков настан што е за добро на заедицата и се надевам дека оваа година ќе остане само на симулациски вежби и ќе нема потреба од интервенција, изјави Чиљафи.
На настанот учествуваа и претставници од средното музичко училиште „Илија Николовски Луј”, како и учениците од средното училиште за ликовна уметност „Лазар Личеновски” со ликовни творби на тема „Петардите не се играчки, стоп на употребата на пиротехнички средства“.
Вежбата е во рамки на кампањата за превенција од употреба на пиротехнички средства.