Засега посетив партнерски земји, Босна и Херцеговина, Србија и секако Косово, а сега сум во НАТО сојузник, земја којашто е членка на НАТО и сосема е природно ова да биде местото каде што ќе го одржиме тој голем состанок со шефовите на држави и влади од другите НАТО сојузници во регионот. Ова е всушност признание за важноста на улогата што Северна Македонија ја игра во оваа Алијанса и покажува колку ние го цениме фактот дека вие сте полноправна членка, истакна генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, на заедничката прес-конференција вечерва со премиерот Димитар Ковачевски.
На новинарско прашање за причината на неговото обраќање пред Собранието само во Скопје, по неговата турнеја во неколку земји од Западен Балкан, и дали е ова некоја своевидна порака во пресрет на процесот на менување на Уставот, и каква порака испраќа со тоа што лидерскиот состанок се случува токму во Скопје, Столтенберг рече дека и претходно се обратил но првпат се обраќа во Парламентот додека сме полноправна земја-членка.
-Ја покажува важноста на земјава како мошне ценет сојузник на НАТО и го поздравувам фактот дека Владата и Собранието се подготвени да ме пречекаат мене, но и да го одржат Самитот утре со лидерите од сојузничките на НАТО во регионот, посочи тој.
Истакна дека го следи целиот процес со измените и ја поздрави земјава за храброста и за мудроста којашто беше потребна и којашто ја покажа за да станете полноправна членка на Алијансата.
-Преспанскиот договор не беше лесен, но беше добар за Северна Македонија, беше добар за целиот регион и беше добар за НАТО. Тука се работи за безбедност но таа безбедност помага да се промовира просперитетот, а со стабилност и просперитет секако има многу повеќе инвестиции, многу повеќе работни места и многу повеќе странски директни инвестиции во Северна Македонија. Тоа е нешто помеѓу безбедноста и просперитетот што мислам дека беше покажано со фактот дека вие сега сте полноправна земја членка на Алијансата, изјави Столтенберг.