Безбедносната гаранција е најголемата придобивка за Македонија како земја членка во НАТО, посебно ако се земе предвид дека во последните 25 години таа конзумираше безбедност. Во меѓувреме овој процес се промени и Македонија почна да извезува безбедност. Членството во НАТО, според искуството на другите држави кои поминуваа низ истиот поцес, во најголем дел влијае врз атмосферата за подобар бизнис и инвестиции, односно на надворешни инвеститори.
Ова е констатацијата на поранешниот началник на Генералштабот на АРМ, генерал потполковник Мирослав Стојановски, дадена пред 50-тина студенти учесници на денешниот семинар „Денес национални, утре НАТО лидери”, организиран од Центарот за економски политики, анализи и консалтинг (ЦЕПAК), а во соработка со НАТО дивизијата за јавна дипломатија.
-Македонија е светски рекордер во процесот на зачленување во НАТО. Луѓето се разочарани и нестрпливи, а причина за тоа е што Македонија де факто дејствуваше како членка во НАТО, бидејќи исполнуваше одредени обврски како партнерска држава, што другите членки не ги исполниле. Прифативме многу стандарди потребни за интероперативност на АРМ со другите членки партнери и нашето членство треба да биде награда, а не подарок. Имало случаи кога приемот во НАТО бил исклучиво политичка одлука. За нашиот случај сметам дека тоа е залужена награда, рече Стојановски
Одговарајќи на прашање дали АРМ е подготвена за влез во НАТО со оглед што членството носи свои обврски генералот Стојановски рече во моментов персоналот на АРМ е возрасен човек во тело на дете. Тој појасни дека имаме обучен и искусен персонал кој во реални услови докажал дека е конкурентен во однос на другите армии, а во тело на дете затоа што доколку армијата има повеќе средства резултатите ќе беа уште подобри.
Во однос на обврските во НАТО Стојановски рече дека за Армијата е потребен и поголем буџет бидејќи, според него, АРМ ја очекува поголемо учество во меѓународни мисии бидејќи обврските кои досега ги покривал НАТО, со членството ќе треба да ги плаќа Македонија.
Стојановски е оптимист дека наскоро Македонија ќе стане членка на НАТО.
Поранешниот дипломат во ЕУ, Димитар Белчев, пред студентите порача дека во овој момент е важно да се ревитализира определбата на Собранието на Македонија за стратешките одлуки донесени во 1992/93 година за пристапување во НАТО и приклучување кон ЕУ.
– Објективно треба да добиеме датум за почеток со преговорите. Паралелно со овој преоцес НАТО структурите ги следат случувањата и очекувано е тоа да биде вреднувано затоа што принципот на одлучување во НАТО е познат, истакна Белчев.
Според него многу е важно младите во Македонија да бидат потготвени да знаат дека Македонија не е изолирана од процесите што се движат околу нас и пошироко во регионот и да им се даде ориентација во кој правец треба да ги градат сопствените капацитети за да ја превземат раководната улога во државата.
На семинарот кој има за цел проширување на знаењата на учесниците за НАТО како меѓународна политичка и воена организација, преку обработка на повеќе теми, беа афирмирани вредностите на НАТО Алијансата, политиките на НАТО за отворени врати и позитивното влијание од идното членството на Република Македонија во НАТО.