Свети Климент е нашиот прв учител, прв оригинален словенски писател, прв словенски епископ и основоположник на Првиот словенски универзитет и Првата словенска православна црква. Грандиозно е делото светиклиментово, кое и до ден – денес, после повеќе од единаесет векови, е наш светилник и наш патоказ по кој треба да се движиме; Словата и зборовите на нашиот духовник, беседник, просветител и учител имаат вонвременско и универзално значење; Неговите поуки дека: „Гладен треба да нахраниш“, „Жеден да напоиш“ , „Патник да прибереш“ и „Да се надминуваме еден со друг со добрина“ се праоснова на сите напишани и ненапишашина учебници по етика и на сите нас, посебно на помладите, треба да ни бидат нашата мисла водилка.
Тоа беше пораката на градоначалникот Јован Стојаноски ја упати од говорницата на синоќа одржаната Свечена академија по повод 8-ми Декември, Денот на Свети Климент Охридски – патронот на Охрид.
Пред присутните гости на академијата, меѓу кои и амбасадори, пратеници во Собранието на Република Македонија, претставници на културниот и општествениот живот во Охрид беа врачени највисоките општински признанија, наградата и повелбата „Св. Климент Охридски – патрон на Охрид“. Годинава добитници на престижните признанија се еминентниот писател и поет Видое Видически и младиот пливачки херој Марко Пејчиноски.
Во рамки на активностите за одбележување на патрониот празник на градот претходно во Куќата на Уранија беше отворена изложбата на фотографии „По трагите на светите Кирил и Методиј”, организирана заеднички од Општина Охрид, Амбасадата на Република Словачка во Република Македонија и Словачката национална библиотека.
Станува збор за триесет и една фотографија од познатиот меѓународен словачки експерт за надворешна политика Павол Демеш, кој три години ги фотографирал најзнаменитите објекти, поврзани со животот и делото на светите Кирил и Методиј. Неговите фотографии го презентираат учеството на солунските браќа во трите големи мисии кај Арабите, Хазарите и мисијата по Велика Моравија, преку приказ на спомениците од нивниот период или дела посветени во нивна чест.
Со Република Македонија негуваме посебни меѓудржавни односи, во кои морам да признаам дека посебно не инспирираа заедничките вековни културно-историски врски. Ако не биле светите Климент и Наум Охридски, многу помалку ќе знаевме за делото на нивните учители, светите Кирил и Методиј, кои во 1980-та година , папата Јован Павле Втори, ги прогласи за покровители на Европа. Токму затоа, ние Охрид го чувствуваме како центар на ширењето на сесловенската писменост и култура и како мотив за продолжување на воспоставенат соработка, рече амбасадорот на Република Словачка Хенрик Маркуш.
Тридневните свечености по повод патрониот празник на Охрид продолжуваат денеска на самиот празник на светецот со поклонение пред неговите мошти во храмот „Свети Пантелејмон“ на Плаошник, а ќе бидат заокружени со промоција на книгата „Охридска писменост“ од проф. д-р Димитар Пандев и отворањето на нова етнолошка поставка на НУ „Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид“.