Сто илјади нови садници на дрвја ќе се садат само во градовите, а пет милиони во целата држава како дел од есенската акција „Ден на дрвото – засадија својата иднина“.
Од тие 100 илјади, како што информира генралниот директор на ЈП „Македонски шуми“, Жарко Караџоски на денешната прес-конференција, цели 60.350 садници ќе бидат засадени во Скопје.
– Македонски шуми имаат испратено барање до општините да им достават локации за садење, како и вид, односно сорта на дрво какво сакаат да биде засадено. Дел од општините се приклучуваат на локациите предвидени од страна на Македонски шуми, а дел предложија свои локации кој ќе се подготват од нивна страна, а шумските садници ќе ги преотстапи ЈП Македонски шуми од своите расадниците, рече Караџоски.
ЈП Македонски шуми, нагласи, предвидува пошумување на повеќе од 1.035,23 хектари, со засадување од четири до пет милиони шумски садници.
– Пошумувањето со шумски садници на предвидените локалитети ќе се реализира од почетокот на октомври се до моментот на поволните климатски услови и можности, рече Караџоски.
Приоритетни за пошумување со есенската акција се опожарените површини, голините во шума и вон шума, локалитети во непосредна близина на урбани и рурални средини, свлечишта и локации покрај природни и вештачки езера на територијата на Република Македонија.
– Во зависност од местоположбата и почвените услови локалитетите за пошумување за есенската акција ќе се подготваат механизирано во кордони (орање), рачна обработка на површините и изработка на дупки со моторни дупчалки. Изборот на дрвни видови за пошумување е во зависност од климатските услови, надморската височина и фенологијата на садниците, појасни Караџоски.
Тој ги повика општините и граѓаните да се вклучат во пошумувањето за да се уредат хортикултурно поголеми урбани површини со декоративни садници лисјари и четинари.
– За таа цел нудиме повеќе годишни садници од над 75 дрвни видови, рече Караџоски.
Според првичните податоци, додаде, од страна на општините се бараат 38.930 садници броја на лисјарски и иглолисни дрвни видови, 60.350 садници броја на лисјарски и иглолисни дрвни видови за град Скопје, 200 палми за Охрид и Дојран, 5.250 леандри за Дојран и дополнување на средишниот дел од делницата на автопатот Богородица – Смоквица и 10.000 броја на школувани контејнер садници Аризонски чемпрес во средишниот дел на автопатот Скопје – Куманово.
Караџоски во одговор на новинарско прашање нагласи дека секое дрво има рок на траење, односно животен век и додаде дека од аспект на шумарството сечењето на дрвјата е составен дел на нивното одгледување. Како пример ги посочи дрвјата кои паднаа за време на вчерашното невреме во Скопје за кои рече дека биле стари и дека требало навремено да се отсранат, а на нивно место да се засади еден или повеќе садници.
Во досегашните акции за пошумување на Македонија успешноста изнесува околу 61 отсто, а најголема успешност имало во 2009 и 2010 година кога достигнала до 70 отсто.
Караџоски не можеше да прецизира колку ќе чини годинашното засадување на садниците во текот на акцијата, зошто, како што рече, се уште не е прецизиран бројот на садниците кои ќе се садат во урбаните средини кои се поскапи од вообичаените садници.