Стевановиќ: И асимптоматските случаи на Ковид-19 можат да го пренесат вирусот на други лица

Од:

Дилеми и забуни се јавија во јавноста околку асимптоматските носители на Ковид-19, откако Светската здравствена организација првично излезе со став дека пренесувањето на коронавирусот од лицата кои немаат симптоми е ретко. Ова беше спротивно од мислењето на бројни експерти кои тврдат дека ваква трансмисија е честа и објаснува зошто пандемијата тешко се става под контрола.

СЗО вчера го повлече овој став околу асимптоматските случаи, но очигледно забуната кај јавноста остана.

Во статистиките на Министерството за здравство за „активни случаи“ влегуваат и оние лица кои немаат симптоми на Ковид-19, а сепак тестот за коронавирусот бил позитивен. Со директорката на Инфективната клиника Милена Стевановиќ разговаравме за тоа колку овие носители на вирусот можат да го пренесат истиот на други лица и дали трансмисијата на коронавирусот е иста како и кај лицата со симптоми.

„Лицата со симптоми на Ковид-19 го исфрлаат вирусот во надворешната средина во голема количина, преку Флигеовите капки при зборување, а особено со кашлање. Заразноста е највисока непосредно пред и на почетокот на појава на симптомите. Затоа и можноста да се пренесе вирусот од болни на здрави лица кои биле во контакт е голема и тие се главен извор за пренесување на инфекцијата на други лица. Првичните студии сугерираат дека луѓето со лесни симптоми можат да бидат заразни од 8-9 дена, додека кај оние кои се потешко болни трае „далеку подолго“, вели Стевановиќ.

Според неа, асимптоматските носители на SARS CoV -2 го имаат вирусот на нивната слузница и кај нив е изолиран и виабилен вирус- т.е вирус кој може да предизвика болест.

„Овие лица можат да го пренесат вирусот. Особено е важно дека поголема веројатност за пренесување на инфекцијата од асимтпоматски носители има во семејствата и во домовите за згрижување на лица. Откривање, изолирање на заболените со Ковид-19, но и следење, изолација на контактите со нив, значително го намалува бројот на новозаболени лица“, вели Стевановиќ.

Полесните форми на болеста, намалената смртност и асимтпоматски носители се повод за опсежни истражувања во вирусолошките лаборатории, со што би се проценила вирулентноста на вирусот т.е. слабеењето на вирусот, смета директорката на Инфективната клиника, во однос на тоа дали зголемувањето на бројот на асимптоматските случаи, значи и намалување на вирулентноста.

„Златно правило е дека вирусите мутираат и со време стануваат помалку патогени (слабеат), Истовремено кај населението расте колективниот имунитет. Повеќе фактори влијаат во манифестацијата на присуството на вирусот меѓу населението“, вели Стевановиќ.

Од Министерството за здравство велат дека во моментов се спроведуваат многу научни истражувања за поконкретен одговор на прашањето дали големиот број асимптоматски случаи е доказ дека јачината на вирусот слабее.

„Анализирајќи само според бројот на асимптоматски случаи не може да се донесе заклучок по ова прашање. Тие се непредвидливи, односно не може да се знае со точност дали некој ќе развие симптоми на Ковид-19 или не“, велат од Министерството.

Луѓето кои немаат симптоми, а се позитивни на новиот коронавирус остануваат дома, во изолација и ним им се препорачува да земаат витамини. Овие пациенти немаат потреба од лекување.

Би можело да ве интересира

Разрешена директорката на Клиниката за инфективни болести, Милена Стевановиќ, на нејзино место назначен Фадил Цана

Грип, ковид и инфекции на дишните патишта ги полнат амбулантите и болниците

Обезбеден лекот за конго-кримска хеморагична треска, болничарката е во стабилна состојба

Ковид-19 од денес е обична заразна болест, укинати и последните мерки за носење маски

Орце Костов

Пендаровски го потпиша Указот за новиот Закон за амнестија за прекршоците во ковид кризата

Катерина Ѓуровски

Три години откако СЗО прогласи пандемија од Ковид-19, вирусот се уште присутен, но со намален интензитет

Ана Ололовска