Стерјовски испиша историја со обраќањето на македонски јазик во албанскиот Парламент

Од:

Пратеникот од Македонска алијанса за европска интеграција, во албанскиот Парламент, Васил Стерјовски денесka запиша уште еден историски настан за Македонците во Албанија.

Тој не само што е прв пратеник, кој јавно се декларира како Македонец, денеска првпат се обрати на македонски јазик од собраниската говорница во албанскиот законодавен дом.

-Почитуван претседател на Собранието, почитувани пратеници. Ја имав честа во сто и првата годишнина од Собранието на Република Албанија да бидам првиот пратеник кој се декларира за Македонец. Јавностa преку парламентарната говорница слушна за Македонците во Преспа, Гора, Голо Брдо и Врбник, за Македонците низ цела Албанија, рече тој на почетокот од обраќањето.

Додаде дека достојно ги претставувал Македонците во Албанија, како и сите граѓани од округот на Корча.

-Се борев за подобрување на условите за живот и работа на Македонците во Албанија, ги подржав сите закони за евроатланските интеграции. Благодарност до Владата што го одобри проектот вода за пиење на општина Пустец од 4 милиони евра, благодарност за поддршката од колегите пратеници, посочи тој.

Рече дека се гордее што бил гласот на Македонците, на сите малцинства во Албанија и се борел за општество на еднакви пред Уставот и законите.

-Почитувани сонародници, бидете горди Македонци и лојални државјани на Албанија, негувајте ги македонскиот јазик, култура, историја и традиции бидејќи и тие cе нераскинлив дел од Албанија, порача Стерјовски во неговото обраќање на македонски јазик, што е прво во историјата на албанскиот Парламент.

Стерјовски во албанскиот Парламент влезе во мај 2019 година и во оценувањето на активноста на пратениците редовно е меѓу најактивните, главно со прашања кои ги тиштат Македонците во областите Преспа, Голо Брдо и Гора, каде нивната концентрација е најголема, но и прашања кои ги мачат жителите на округот Корча од каде и е пратеник.

Тој на парламентарните избори на 25 април е на кандидатската листа на Социјалистичката партија, исто така во Изборната единица Корча.

Би можело да ве интересира

Рама ги најави „дигиталните министри“ во Албанија

(ВИДЕО) „Бајрактар“ во Албанија сними намерно подметнување на пожар

Во Албанија е прогласена вонредна состојба поради пожари, туристите се евакуирани

Голем пожар, кој брзо се шири е регистриран во Националниот парк „Преспа“

Горан Наумовски

Три лица се повредени во пожар во Албанија, над 2.000 се евакуирани

Евростат: Албанија бележи најсилен пад на населението во Европа

А1он