„Последните постапки на претседателот на СДСМ се веќе нешто што не само ја деградира професијата политичар, туку и создава еден начин на однесување и демонстрира една крајно несовесна и неодговорна постапка која не загрижува и која мора да престане, и на која ние мора гласно да се спротиставиме“., рече на прес конференција Зоран Ставревски, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
Според Ставревски, Црвенковски предал документ кој е класифициран јавно на емисија пред цела македонска јавност и тоа не може никој да го оправда.
„Колку и да сака некој да бара креативни начини на оправдување, колку и да му е драг Црвенковски, дури и неговите најблиски убеден сум дека не се согласуваат, а тоа што не му соопштуваат, тоа е нивни проблем. Тоа е постапка без преседан и не се случила никаде во светот“, рече Ставревски.
Според него, целта на Црвенковски е во негов познат манир.
„Да внесе смут во македонската јавност и да фрли прашина во очите, демек покажува нешто страшно и опасно што ќе треба да му ја аменстира целата негова погубна политика за името од изминативе 20 години, и со нервозно и мелодраматично мафтање на документот, но и најважно искривувајќи ја содржината на тоа што го пишувало внатре, така барем се реакциите од канал 5, се обиде по којзнае кој пат да ја излаже македонската јавност велејќи дека во предлогот од 2005та година има македонски како назив за нацијата и македонски како назив за јазикот, излажа со цел само за да го оправда тоа што прифатил предлог кога не требало да се прифаќа“, рече Ставревски.
Тој изјави дека Црвенковски имал една крајна цел.
„И тоа е тоа што е катастрофално и што во целост ја демаскира неговата личност и покажува зошто веќе и неговите најблиски соработници бегаат од него. Тој покажа дека е подготвен да манипулира со класифициран документ во јавноста, документ кој по закон прво и основно немал право да го поседува. Тој ова го направи намерно и сакаше со ова да предизвика момент кога ќе може да глуми жртва, во пресрет на митинзите на СДСМ, да глуми чесен и обесправен политичар, кој е жртва нели на диктаторскиот режим на Никола Груевски. Па сега си најде муабет за на митинзи, па очекувам дури и да вика мавајќи се во гради ајде дојдете апсете ме, глумејќи дисидент, дури и кога сите знаат дека тој е само Бранко Црвенковски“, рече Ставревски.
Ставревски посочи дека со тоа што се отворале прашањата од каде се нашол тој документ кај Црвенковски, и да се посочи неговата морална и политичка одговорност, не смее да се премолчи на една реченица што го отсликува карактерот на лидерот на СДСМ.
„Мене ич око не ми трепнува! Рече Црвенковски за првпат кога беше обвинет за скандалозната криминална афера Надеж, во која беа обвинети неговите најблиски соработници за скандалозни набавки според кои една страница хартија чинеше 3000 евра. Тогаш око не му трепнуваше што фирмите на роднини на неговите најблиски соработници се офајдија од сомнителни зделки.
Не можам да постигнам бе брат! Се сеќавате на оваа негова славна, вулгарна реченица со која ги навреди сопругите на стечајците, со која во сомнителна состојба на сред митинг во изборна кампања сакаше на сите да ни докаже колку јак мангуп е. А во суштина само покажа колку слаба личност е.
И повторно сега слушаме – Мене ич око не ми трепнува! И тоа го кажува откако со право македонската јавност го праша од каде се најдоа тие документи кај него, и зошто се расфрла со класифицирани документи во јавноста, па уште и лаже за нивната содржина, а и одозгора па – и ние сме му криви за тоа. Сега му се криви медиумите зошто поставуваат легитимни прашања, на кои тој нема одговор, па најлесно е да ги нападне и да се обиде да го омаловажи, но нема никаков одговор со аргументи“, рече Ставревски.