ВИДЕО: Станови од посебен интерес, висококатници и нови барокни „чудовишта“ му се закануваат на Дебар маало

Од:

На местото на старите бараки на Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор во Дебар маало се предвидува изградба на две 18-метарски петкатници. Освен што со нивна изградба би се уништила зелена површина од над педесетина повеќедецениски дрвја со широки крошни, Владата во јули годинава донела одлука со која овие згради се утврдени како објекти од посебен интерес. Одлуката, потпишана од вицепремиерот, Зоран Ставрески, е контроверзна и несфатлива од причина што петкатниците се наменети за семејно домување во станбени згради.

odluk121

Како е возможно станбени објекти да се прогласат за објекти од посебен интерес, прашува невладината организација „Плоштад слобода“. Одлуката е неразбирлива и за службениците во Општина Центар. Квалификацијата „од посебен интерес“ им се доделува само на згради од интерес на државата како јавни институции. Сепак, бидејќи Владата ги заштитила двете згради, Општината е принудена да ги издаде сите потребни дозволи за изградба и при тоа нема право да врши надзор и инспекција.

Ова е една од спорните локации кои што се дел од Деталниот урбанистички план за Дебар маало, кој е во фаза на јавна анкета. Анкетата завршува на 11 септември, што на граѓаните и на активистите им дава мал период да реагираат. Активистите од „Плоштад слобода“ велат дека Општина Центар може да ја обжали одлуката и да спречи масакар на уште еден парк.

-Помеѓу овие бараки има ниско зеленило и преку 50 неколкудекадни дрвја. Нивното сечење со сигурност негативно ќе влијае врз квалитетот на животната средина. Изградбата ќе создаде сообраќаен хаос, зголемена бучава и целосно ќе го смени сегашниот дух на маалото. И покрај тоа што е од „посебен интерес“ не треба да се дозволи уништување на досега постигнатите квалитет и количина на јавно зеленило – велат од невладината.

Од Општината, пак, велат дека немаат ингеренции врз градбите кои се заштитени како посебен интерес.

Општината наводно не може да направи ништо ниту против планот за изградба на 18-метарска четрикатница на паркингот позади општинските бараки, а кој го користи Министерството за одбрана. Станува збор за парцела со десетици здрави и зрели дрвја. Зградата која ќе се издигне е со намена за образование и е нов момент во Деталниот урбанистичкиот план што допрва треба да се донесе.

-Се инсистира на градење на административно-деловни згради во центарот на Скопје каде празни парцели речиси не постојат. Зградата е на државно земјиште и не е јасно кој е идниот инвеститор: Владата, Министерството за образовани или Општина Центар. Бидејќи, ако е некој од првите два, тогаш сосем е возможно да очекуваме ново барокно чудовиште во срцето на Дебар маало – велат од „Плоштад слобода“.

Општина Центар повторно се оградува како ненадлежна. Зградата, велат, е предвидена со Генералниот урбанистички план.

-Маркичката е преземена од ГУП и мора да се преземе. Не може да се донесе ДУП без да се усогласи со ГУП – велат од таму.

Најспорната точка во ДУП-от за Дебар маало е 55 метарската зграда која би се подигнала на местото на бараките на Општина Центар. Планот предвидува висококатница од 15 спрата која ќе ги надвиши сите постоечки згради во оваа населба. Ова е овозможено со ДУП-от донесен во 2012 година од страна на претходниот состав во Општината, но од „Плоштад слобода“ велат дека градоначалникот, Андреј Жерновски, сега има можност да ја повлече маркичката и да го заштити просторот.

-Со таква кула во срцето на Дебар маало целосно ќе се смени сегашниот дух и квалитет на маалото. Зголемениот сообраќај, сенката, како и потребните промени во инфраструктурата негативно ќе влијаат на животната средина. На просторот меѓу бараките денес растат стотина неколкудекадни дрвја и нивното сечење не може да не помине без сериозни последици врз квалитетот на воздухот – велат активистите.

Од Општината објаснуваат дека не можат да намалат катност на објект и дека еднаш веќе одобрена катност не може да се одземе.

Жерновски има шанса да докаже дека го штити интересот на граѓаните и доколку го искористи моментот да го заштити малиот парк позади Министерство за култура, велат активистите. За да го направи тоа потребно е да се повлече маркичката која предидува изградба на објект од четири ката веднаш до Министерството, а на местото на повеќедецениските дрвја. Објектот би бил јавна институција и со негова изградба, велат од невладината, ќе се уништи уште една зелена мини-оаза онаму кадешто е најпотребна.

-Нас ни е целта ДУП-от да не ги дава овие можности и на тој начин да се заштити зеленилото и просторот во Дебар маало. Општината сега има шанса да ги повлече спорните елементи од креираните планови, а не ја користи шансата – вели активистот, Никола Наумовски.

Бидејќи, како што велат, Општината нема слух за нивните предлози и решенија, активистите бараат учество од граѓаните. Оние кои живеат во Дебар маало имаат рок до 11-ти септември да пополнат анкетни листови со свои барања и предлози за Деталниот урбанистички план и да ги достават до Општината. ДУП-оти е изложен до 11-ти септември во просториите на основното училиште „Коле Неделковски“ секој работен ден од 7.30 до 15.30 часот.

Маја Васева

Би можело да ве интересира

Прва работилница во Општина Центар од кампањата на „Макпетрол“ против врсничкото насилство

„Шанса за Центар“: Шверцерски вметнати нови објекти во ДУП-от за Стара железничка станица

Горан Наумовски

Утре во Скопје ќе има протест и марш, МВР со посебен сообраќаен режим

Горан Наумовски

Општина Центар затвори нелегално градилиште на булеварот „Никола Карев“

„Шанса за Центар“ предупредува: Повторно со техничка исправка на план ќе се гласаат два ката плус спроти стара Градска болница

Маја Илиевска-Пачемска

Комисија од Центар ги запишува покривите што летаа во невремето и поплавените простории