Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ) жестоко реагира на насилните и на брутални методи применети врз новинарите, снимателите и врз фоторепортерите од страна на полицијата во текот на демонстрациите пред Владата со што беа оневозможени да ја извршуваат својата работа.
„Во обид да ги потисне демонстрантите, полицијата не само што не ги заштити новинарските екипи, туку ги третираше како легитимна цел, непризнавајќи им ги новинарските легитимации. Нашите колеги беа потиснувани, влечени, газени и само нивната присебност спречи да бидат и тие жртви на полициската бруталност. Воедно членови на ССНМ беа сведоци дека новинарските екипи беа попречувани да ги снимат и регистрираат тепањата и повредените демонстранти.
ССНМ смета дека за таквото однесување на полицијата кон новинарските екипи се директно одговорни првите луѓе на МВР.
Го потсетуваме МВР дека сите меѓународни конвенции бараат од силите за безбедност да ги заштитат и да им овозможат непречен пристап на новинарските екипи кои се идентификуваат со новинарски легитимации.
ССНМ за ваквиот однос на полицијата ќе ги извести Меѓународната и европската федерација на новинарите, Комитетот за заштита на новинарите и сите релавантни еснафски здруженија во светот“, се наведува во реакцијата од ССНМ.