Самостојниот синдикат на новинари на Македонија (ССНМ) смета дека е недозволиво и осудува политички партии и нејзини пратеници да етикетираат и омаловажуваат новинари.
ССНМ ги посочува изминатите неколку дена кога, како што наведува, тоа се правеше кон вработените во телевизија Телма од страна на партиите ВМРО-ДПМНЕ и Левица и нивни пратеници.
-Јавното етикетирање на телевизијата како „купена од власта и режимска” и слични други политички конотации и навреди упатени од страна на партиите и политичарите на ВМРО-ДПМНЕ и Левица кон вработените во телевизијата, ССНМ го смета за директен притисок врз слободата на изразувањето, работата на медиумите и нивната уредувачка политика. Дополнителна тежина на тоа дава и фактот што за етикетирањето е употребена собраниската говорница што според ССНМ е злоупотреба на Собранието за вршење притисок и омаловажување на медиум, во случајов телевизија Телма, наведува ССНМ.
Синдикатот бара од првиот човек на Собранието во иднина да реагира на вакви притисоци и напади врз медиуми изговорени од собраниската говорница со оглед на тоа што во Кодексот на пратениците јасно стои: „пратениците да не користат зборови и изрази со кои ќе повреди или омаловажи други лица, човечко достоинство и ќе предизвика омраза, нетолеранција и насилство“.
ССНМ од политичарите и партиите бара во својата политичка реторика и дебата со политичките неистомисленици да не ги инволвираат медиумите, односно новинарите со етикетирање и напади врз нив. Во спротивно, ССНМ ќе ги смета партиите и политичарите за одговорни за се позачестениот политички говор на омраза кон новинарите, но и за нарушување на угледот и самоцензура кај новинарите.
-Потсетуваме дека работењето на медиумите е регулирано со Законот за Аудиовизулени медиумски услуги, постојат независни тела за оценување на стандардите и етиката во работењето на медиумите, до кои секој, вклучително и политичарите и политичките субјекти, можат да поднесат претставка доколку сметаат дека некој медиум го прекршил законот или стандардите, наместо јавно политички да ги етикетираат медиуми, на што бевме сведоци изминативе денови. Истовремено апелираме и бараме од медиумите и новинарите да не се инволвираат во политички и бизнис релации и пресметки и да се водат единствено од професионалните и етички начела во извршувањето на работата, стои во соопштението на ССНМ.
Претходно денеска со силна осуда излезе и Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) според кое, јавното етикетирање на медиумите и новинарите, посебно од страна на високи претставници на политички партии и пратеници, ја загрозува слободата на медиумите и е промоција на обиди за цензура и самоцензура.