Средношколски пленум: Екстерното ја утна целта заради која е воведено

Од:

Средношколскиот пленум му се обрати на министерот за обрзование Абдулаќим Адеми откако беа воочени многу грешки на екстерното тестирање.

„Господине Адеми, прочитајте ги аргументите против екстерното тестирање уште еднаш:

1. Екстерното тестирање не го унапредува знаењето и интелектуалните процеси кај учениците

Според стандардите за оценување во средните училишта пропишани од Бирото за развој на образованието, нивото на знаење и способности кај ученикот се оценува преку следните параметри:
• Помнење
• Разбирање
• Применување
• Анализа, синтеза и вреднување

Земајќи го предвид предвидениот концепт од јавен пулт на прашања, со екстерното тестирање акцентот на учење е ставен само на првиот параметар – Помнење, кој воедно е и најниското ниво на учење. Просто меморирање на факти без нивно разбирање, анализирање, знаење како да се применат не придонесува кон унапредување на знаењето за предметот кој се полага. Дополнително, овој концепт на оценување не стимулира развивање на повисоките интелектуални процеси кај учениците, туку само ја поттикнува способноста за репродукција. Стимулирањето на краткотрајно меморирање на факти го обезвреднува сиот вложен труд на ученикот во текот на целата школска година и неговата активност за предметот. Оттука, јасно укажуваме дека екстерното оценување не стимулира унапредување на знаењето и не придонесува за развивање на интелектуалните процеси кај учениците.

2. Оценката добиена од екстерното тестирање не може да се спореди со оценката добиена од предметниот наставник/Оценката добиена од екстерното тестирање не соодветствува со знаењето на учениците

Со предвидениот концепт на екстерно тестирање, оценката на ученикот добиена од предметниот професор еднакво се вреднува со оцената стекната преку екстерното тестирање. Овие две оценки се добиваат од различни параметри и оттука тие не може да се споредуваат. Поточно, крајната оценка што ученикот ја добил од предметниот професор се базира на сите претходно добиени оцени по дадениот предмет, вклучувајќи ја и целокупната активност на ученикот во текот на школската година. Дополнително, при тестирањето на знаењето, според одредбите предвидени од Бирото за образование, професорите мора да тестираат колку информации учениците запомниле, колку ги разбираат инфромациите, нивната способност за анализа, синтеза, вреднување, како и можноста да го применат практично нивното знаење. Во спротивно оценката од екстерното тестирање не ја вклучува активноста на ученикот по предметот и се базира само на капацитетите на ученикот да меморира податоци. Оттука, оценката од екстерното тестирање не соодветствува со знаењето на учениците и не може да биде споредувана со оценката добиена од предметниот наставник.

3. Сведителството издадено со најниската оцена- недоволен (1) е невалидно

Доколку ученикот ја добие најниската оцена-недоволен (1) на екстерното тестирање, таа ќе биде впишана во неговото сведителство со што тоа истото станува невалидно, и не може да биде признато во повеќето на странски земји. Потсетуваме дека според чл. 45 од Законот за средно образование сите оценки се преодни освен оценката Недоволен (1) која НЕ МОЖЕ да стои како финална оцена во свидетелството на ученикот, кратејќи му го на ученикот правото на натамошно образување.
Дополнително види: Чл. 11 од Правилникот, чл. 54 од ЗОО, чл. 45-б од ЗСО, чл. 70 од ЗОО, чл. 48 од ЗСО, чл. 65(9) од ЗОО, чл. 45 од ЗСО. ЗОО – Закон за облигациони односи и ЗСО – Закон за средно образование

4. Екстерното тестирање не го унапредува квалитетот на средното образование

Екстерното оценување во Македонија се воведува како реформа која според упатствата на Министерството за образование и наука ги има следниве цели:
• Да им овозможи на учениците да согледаат што навистина знаат
• Да им даде можност на наставниците да ја проверат објективноста на оценувањето што тие го практикуваат.

Во начинот на кој се дефинирани целите може да се забележи дека со воведување на оваа политика кај надлежните не се цели кон подобрување на квалитетот на основното и средното образование, туку единствено утврдување на степенот на објективност на наставниот кадар. Овие цели не се базирани на однапред спроведена анализа која укажува на проблемите и слабостите во средното образование, туку се произволно одбрани од страна на надлежните институции.

Компаративно, во другите земји екстерното оценување се воведува примарно за унапредување на квалитетот на средното образование, што меѓу другото вклучува и евалуација на објективноста на наставниот кадар. Во нашиот случај направен е сериозен пропуст што приритетот е ставен на вршење на контрпола на наставниот кадар, а не како во примерот на Словенија: [1] да
придонесува за подобар квалитет на учењето, наставата и знаењата; [2] да оценува како се постигнуваат стандардите на знаењата пропишани со наставните програми; [3] да придонесува за разбирливата примена на различни наставни методи и техники; [4] да ја олеснува ефективната евалуација на наставните планови и програми; [5] да придонесува во обезбедувањето еднакви образовни можности за сите ученици; [6] да ги развива споспобностите на учениците за критичко вреднување на своите постигања; [7] да им
обезбедува на учениците информации за нивните стекнати знаења што можат да се споредуваат со нивните врсници и со просеците на ниво на држава и [8] да придонесува за повоедначени критериуми во оценувањето од страна на наставниците на часовите.

Дополнително, со начинот на кој се имплементира екстерното тестирање не се постигнуваат горе поставените цели. Како што наведовме во претходните точки, оценката од екстерното тестирање не е објективна и не соодветстува со знаењето на учениците. Оттука, навистина е нејасно поради кои цели се имплементира оваа реформа.“

Би можело да ве интересира

СДСМ: Екстерното тестирање беше една од најголемите антиреформи

Наум Локоски

МОФ: Екстерното тестирање постигна само оштетени ученици и професори и залудно потрешени пари

Наум Локоски

МОН: Укинувањето на екстерното тестирање објавено и во Службен весник

Наум Локоски

ВИДЕО: Укинато екстерното тестирање

Наум Локоски

Законите за укинување на екстерното и локалните избори во скратена постапка во македонското Собрание

Наум Локоски

(ВИДЕО) Дескоска: Утре се укинува екстерното тестирање

Ана Ололовска