Средношколката Илина од Велес добила намалено поведение заради статус на Фејсбук

Од:

Средношколката Илина Димовска од Велес, која учествувала на минатогодишните средношколски протести, добила намалено поведение заради критички пост на Фејсбук.

Како сведоштво за загрозувањето на слободата на изразување, во продолжение е нејзиниот текст во интегрална верзија, иницијално објавен на интернет страницата – mladive.mк, а која ја пренесува НВО Инфоцентар.

„Пак јас со долгите текстови. И овој пат сакам секој да прочита бидејќи на крајот на денот, блоговите и социјалните мрежи се најмоќни алатки за споделување на ставови и искуства.

Во последново тромесечие на училиште, поконкретно СОУ „Гимназија Кочо Рацин“ – Велес, минав низ едно патешествие што не би му го посакала ни на најголемиот непријател. Накратко, објавив статус во кој си ко искажав ставот околу бркање на учениците кои беа без униформи на патронатот на гимназијата.

За статусот бев повикувана на разговори со директор и служба кои се почувствувале многу навредени и изненадени, и ги болеше тоа дека ја кажувам вистината за тоа што се случува во гимназијата. Разговорите беа псисхичко малтретирање за мене поради начинот на кој ми се обраќаа, и заради фактот дека тројца возрасни и се нафрлија на ученичка од 16 години. Добив закана, или ај подобро да речам соопштение дека ќе бидам санкционирана поради ФБ статус.

Само еден факт: педагошки мерки се изрекуваат на ученик само доколку тој дејствувал со нешто во училиштето или за време на настава, еве конкретно ако станува збор за навреда, ако навредам професор на училиште ќе ми биде изречена педагошка мерка, но не и ако навредам професор на улица после часови. Патем, немам навредено никој во образовна институција.

Враќајки се на приказната, со самиот овој факт погоре, констатацијата е дека училиштето како институција нема никакво право да ми изрече педагошка мерка, знаејќи дека социјалните мрежи се место каде секој може да кажува што сака, секојдневно сме сведоци на тоа.

Бев во невладина, имав пријатна ноќ, оценките ми се сосема океј. Насмеана си доаѓам дома и мајка ми ме пречекува со зборовите: „Имаш незадоволително поведение.“ Патем, во цело полугодие се на се имам 2 неоправдани. Од доцнење инаку.

И тука веќе пука филмот. Не можам да издржам па затоа и го пишувам ова. Не можам да го занемарам ова што се случува.

За да се изрече педагошка мерка, потребно е да се завери записник, да се свика совет, да се донесе одлука, одлуката да се достави до родител и да има потпис од родител.

Еве ќе ви кажам, ништо од тоа не се случи. Ниту јас ниту мој родител се потпиша на записник, ниту беше доставена одлука до моите родители, ниту некој се потпиша на одлука.

Можда малку се тресам додека го пишувам ова. Не од страв, туку од гнев. Гнев спрема системот, гнев спрема образовната институција во која се школувам, гнев спрема кукавиците и оние кои учествуваат во оваа неправда. Да, неправда е. Само не знам како во очи ќе ме гледаат тие луѓе во мојата преостаната една и пол година од школувањето во гимназијата. Навистина, како ли ќе ме гледате во очи? Еднаш нанесена неправда е засекогаш нанесена неправда.

Мислеа дека ќе можат да ме заплашат, ама очигледно не им успеа. Без разлика на фактот дека со тоа поведение можда нема да можам да се запишам на факултет (и ќе бидам принудена да останам тука нели). Без оглед на сите малтретирања и притисоци кои ги доживеав во изминативе два месеци.

Од кога ги разгледав законите и разговарав со стручни лица, си реков себеси: „Доколку пробаат да ми наштетат, излегувам во јавност со приказната, без влакна на јазик“. Немојте да се лутите за ова, само си стојам на својот збор.

Диктатура е тежок збор за ова. Подобро би рекла, кажувај си се што сакаш, меѓутоа подоцна ќе се сносиш со последиците ако нам не ни се допаѓа она што го кажуваш.

Сакам да му се обратам на секој кој го чита ова. Ако си кукавица ќе просперираш. Ако преќутуваш ќе просперираш. За жал, кај нас е така. А не треба да е така. Ако сакаш да направиш промена, почни од себе и искажи си го својот став. Ова го споделувам не за да заплашам некој, туку напротив, да охрабрам. Секој да си стои цврсто на она што го мисли и да не потпаѓа под влијанија, притисоци или закани. Или некои неправедни и нерегуларни педагошки мерки. Средното образование ќе го паметам по ова. Ќе го паметам по неправдите, притисоците, кукавиците, луѓето со лоши намери, несоодветните образовни реформи. Таа е ерата во која живеам и јас, и моите врсници. Да застанеме еден зад друг и да се бориме против овие неправди.

Да сумирам: на одличен дисциплиниран ученик му ставија незадоволително поведение поради Фејсбук статус“, пишува Димовска.

Би можело да ве интересира

Средношколците ќе ги добијат бесплатните билети во матичните училишта

МОН: Од утре ќе се исплаќа неисплатената финансиска поддршка за основци и средношколци

Средношколците за време на летниот распуст може да користат бесплатен јавен превоз во автобусите на ЈСП

Средношколците ќе учат до 10-ти, a основците до 17 јуни, ќе се одлучува како ќе се надоместат двете неработни среди за изборите

Преполовен бројот на новите средношколци во Струмица

Гимназиите веќе не се најпривлечни за учениците