„Официјално и соопштуваме на јавноста дека од неделава што следи, Средношколскиот Пленум ги радикализира своите мерки и активности околу стопирање на лошите реформи во образованието. Имено, под радикализација подразбираме отпочнување на бојкот на наставата во средните училишта. До започнување со ваква форма на изразување на незадоволството дојде по таканаречената последна опомена која им ја дадовме на надлежните институции, и недобивањето одговор и повратна информација од страна на истите, и покрај нашите неуспешни макотрпни обиди и трудови нашиот глас да биде слушнат, и да стапиме во контакт со институциите, за кои сметаме дека си поиграа со нас и ја изневерија нашата доверба“, се вели во соопштението на Средношколскиот Пленум.
„Сакаме да потенцираме дека оваа активност не подразбира безделничење и неодење на училиште, туку напротив, седење во училиштата со водење на редовна и прецизна евиденција, а присуствувањето на тестови и испрашувања е слободен избор, додека бранењето на проектните на матурантите претставува целосен исклучок од бојкотот и тече по нормален редослед. Им порачуваме на надлежните органи по средните училишта во земјава, да не се обидуваат преку никакви закани и притисоци да не заплашат и да настојуваат да го прекинеме бојкотот. Воедно, ја користиме оваа можност, повторно да го повикаме Министерот за образование и наука, Абдулаќим Адеми, да ги прими претставниците од Средношколскиот Пленум на средба и преговори, бидејќи во спротивно, ќе продолжиме со нашите активности за изразување на незадоволството и револтот кој е предизвикан кај учениците“, пишува во соопштението на Средношколскиот Пленум.