Учениците во прва година во средното медицинско училиште „Гостивар“ со протест во училишниот двор, денеска упатија пораки дека се дискриминирани во однос на другите врсници кои учат во дуални паралелки и нема да добиваат стипендии од Министерството за образование и наука. Тие побараа да им бидат прифатени пријавите на огласот на Министерството за образование и наука за финансиска поддршка на учениците во стручните училишта.
На протестот, координаторката за дуални паралеки во Средното медицинско училиште, Нада Софронијевиќ, кажа дека се пријавиле на огласот за стипендии за ученици во дуалните паралелки, на кој, како што рече, не било наведено за кои струки. Таа смета дека одлуката да не бидат вклучени во стипендирањето е дискриминациска.
– Овие пари што би ги добивале, се пред сè за набавка на заштитни средства, како ракавици, маски и друга опрема. Ваквата одлука, нашите ученици да бидат изоставени во однос на другите ја сметаме како дискриминирачка. Со големи напори успеавме да ги заживееме ваквите паралелки и сметаме дека тоа не е во ред, рече Софронијевиќ
Околу натамошните чекори и како ќе постапуваат во иднина, таа напомена дека се во координација со советот на родители и управите на останатите медицински училишта. Минатата година ова училиште склучило договори со повеќе здравствени установи за дуално образовани на околу 200 ученици.
Првиот човек на образованието, министерот Јетон Шаќири, во одговор на новинарско прашање напомена дека во огласите за дуалните паралелки не биле предвидени паралелки за стручно образование во делот на медицината, но појасни дека се прават анализи за вклучување на околу 600 ученици на државно ниво.
– Моделот на запишување во стручното образование е во дефицитарните струки, но без разлика на тоа во моментов се прави анализа за една вкупна бројка од 600 ученици кои се запишани во дуалните паралелки. Ако има потреба и според анализите мислам дека ќе ги вклучиме и учениците од дуалните паралелки од медицинските струки. Минатата учебна година имаше интерес и тоа го поддржавме. Учениците со најдобри оценки се сигурни добитници на тие стипендии и затоа ги разгледувам какви се импликациите од буџетот за да можеме да ги вклучиме и нив, рече министерот Шаќири.