Учениците од кумановското средно училиште „Наце Буѓони“ и од велешкото „Коле Неделковски“ во рамки на проектот за меѓуетничка соработка „Заедно сме посилни“ денеска го посетија липковскиот регион, вештачките езера и џамијата во таа општина.
– Ние веќе четири години успешно ја реализираме програмата на меѓуетничка интеграција во образованието. Ова е дополнителна активност за кое нашето училиште аплицираше, заедно со училиштето „Коле Неделковски“ од Велес и проодолжуваме со заедничка средба и активности со цел подобро меѓусебно запознавање, комуникација, соработка, почит меѓу етничките заедници и продолжување на вредностите што ги поседуваат сите заедници, почит кон нив и поддршка, изјави координаторот на проектот и психолог во училиштето „Наце Буѓони“ Дивна Јанкова.
Таа најави дека во иднина ќе ја посетат Богомила во Велес и на крај во Куманово ќе биде реализиран квиз натпревар, дебата по што ќе биде издадена брошура.
– Учениците од двете партнер училишта од мешан етнички состав во текот на последните три учебни години заеднички реализира работилници, одбележување верски празници, спортски натпревари, стручни средби, изработен е и тријазичен заеднички туристички водич за Велес и Куманово, информираше кооридинаторот на проектот од училиштето „Коле Неделковски“ од Велес Мира Ташкова.
Таа појасни дека планирано е да се реализираат уште две средби, посета на селото Богомила со реализација на еднодневен излет, посета на црква и манастир, како и реализација на квиз натпревар и работилница на која ќе се презентираат посетените места. Учениците, како што рече, се задоволни од ваквите средби и на ваков начин подобро се запознаваат, учат едни за други, развиваат толеранција и симпатија кон културата на другите.
Двете училишта нудат слични образовни стручни профили, машинската и електроструката, така што постојано соработуваат и на полето на образовниот процес.