Со денешниот собир симбилично ја одбележуваме новата учебна година и даваме до знаење дека нашата битка продолжува онаму каде што застана пред три месеци, велат средношколците кои вечерва, во голем број, се собраа на јавен собир, во паркот пред Министерствто за образование и наука.
– Повторно ќе ги доставиме нашите барања до Министерствто за образование и понатаму зависи од нив, ако се постават арогантно и ако направат реприза на изминатата учебна година и ние ќе го направиме истото – ќе направиме реприза на тоа што се случуваше минатата година, со тоа што сега имаме повеќе време и да преговараме и да протестираме и да бојкотираме и да кампуваме, рече Симона Туфегчиќ од Средношколски пленум.
Средношколците размслуваат за промена на барањето за државната матура
– Со најавеното работење на нов концепт од страна на министерот Адеми, Средношколскиот пленум размислува барањето да гласи така да ние добиеме рамноправна инволвираност во донесувањето на новиот концепт и тој кога ќе се донесе да стапи во сила за оние средношколци кои би се запишале во средно училиште по неговото донесување, вели Андреј Битраков до Средношколски пленум
По денешната изјава на министерот за образование дека не би сакал во предизбориниот период, образованието да стане главна тема на политичките партии, средношколците се децидни дека ќе се борат за своите права независно од тоа дали во следните месеци ќе се организираат избори.
– Нашето образование е нешто што за нас е најбитно и во никој случај не сме инструирани од ниту една политичка партија, нешто што сме го докаѓале досега. Независно кој е победник на изборите или кој е моментално на власт, Средношколскиот пленум ќе се бори за подобро образование, односно против лошите реформи, вели Битраков од Средношколски пленум.
На вечерашнава панел дискусија говореа Иван Јованов, од ,,Младите Можат”, Ивана Туфегџиќ, граѓански активист, Огнен Јанески, граѓански активист, Теано Кардула од Средношкоски пленум.
Минатата учебна година 18 илјади средношколци од цела Македонија ја блокираа редовната настава во училиштата, дел од скопските средношколци три недели кампуваа во паркот наспроти ресорното министерство со надеж дека надлежните ќе ги прифатат нивните аргументи за стопирање на реформите во образованието.
Барањата на средношколците се во текот на наредните 4 години да се полага стариот концепт на државна матура, а за тоа време работните групи да го усовршуваат новиот модел кој би се применил за следните генерации.
Второто барање на средношколците е екстерното тестирање да биде анонимно и оценката да не фигурира никаде во свидетелствата.
А.Б.