Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, придружуван од заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, министерот за економија, Крешник Бектеши и државниот секретар во МНР, Виктор Димовски, попладнето се сретна со словенечкиот премиер Миро Церар, кој е во официјална посета на Република Македонија заедно со владина и бизнис делегација, а на состанокот беше придружуван од министерот за економија Здравко Почивалешек и амбасадорот на Република Словенија во Република Македонија, Милан Јазбец.
Премиерот Церар и на билатералната средба и во официјалната изјава соопшти дека Република Словенија ја поддржува Република Македонија во аспирациите за членство во ЕУ и во НАТО. Словенечкиот премиер Церар во изјавата за медиумите оцени дека на премиерот Заев и на Владата им успеа да ја стабилизираат Македонија, што е еден од основните предуслови за развој, дека Република Македонија созрева, напредува во реформите како и дека стабилна и успешна Македонија е интерес како на нашата држава, така и на регионот и на Европа. Премиерот Церар додаде дека е потребно да се интензивира процесот на интегрирање на Македонија и на регионот во ЕУ и во НАТО и дека тој како премиер и Словенија како држава, со тие позиции настапуваат пред Европа. Премиерот на Словенија изјави дека очекува скора препорака за Македонија, што ќе ги поттикне понатамошните позитивни процеси во државата.
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, во изјавата за медиумите, им се заблагодари на премиерот Церар, на Владата и на граѓаните на Република Словенија, во име на граѓаните и на Владата на Македонија, за силната поддршка во евро-атлантските интеграции на нашата земја.
-Во овој важен период за Република Македонија, Република Словенија стои до нас и тоа е силен влог во натамошните билатерални односи и во развојот на економската соработка.
Заеднички целиме кон напредок во регионот и пристап базиран на индивидуални заслуги за членство во ЕУ.
По денешната посета и заедничка средба верувам дека позитивни резултати, и за Македонија, и за Словенија, и за регионот, се можни и се извесни, изјави премиерот Заев.
Премиерот Заев додаде дека „Република Словенија е добар пример како се напредува на економски и евро-атлантски план, а денеска добивме уште една потврда дека во Словенија имаме силен сојузник за нашите аспирации за членство во ЕУ и НАТО“.
-Потребна ни е поддршка во пресрет на ново најавениот засилен дијалог на Република Македонија со Европската Унија, во рамки на спроведувањето на Стратегијата за проширување на ЕУ и посебно во услови кога бугарското и престојното австриско претседателство на ЕУ се фокусираат на регионот.
Ние како Влада веруваме дека ќе добиеме чиста препорака од Европската Комисија, со што на мајскиот Самит ЕУ – Западен Балкан во Софија и јунскиот Совет на ЕУ, се отвораат услови за Македонија да добие датум за почеток на разговорите за пристапување кон ЕУ.
Тоа ќе значи нова светла страница во иднината на државата и за нашите граѓани, рече во изјавата за медиумите премиерот Заев.
Претседателот на Владата, Заев, дополни дека „во изминатите 10 месеци, Република Македонија покажа дека цврсто стои позади демократските вредности и политиките на добрососедство, земјата се посвети на зајакнување на владеењето на правото, на слободни медиуми, на инклузивното управување, на надминување на билатералните спорови“ и додаде дека ова е базата со којашто Македонија дава дополнителни аргументи, на Словенија, како и на земјите од демократскиот свет, посилно да и помогнат на Република Македонија во остварувањето на стратешките цели, членство во ЕУ и НАТО.
-Освен тоа, поставивме основа на стабилност и предвидливост на политичката и економската клима во државата, со што поттикнавме интерес кај инвеститорите, вклучително и кај словенечките инвеститори, за вложувања во Македонија. Од тие вложувања бенефит ќе имаат и бизнисите, но првенствено граѓаните на нашата држава за коишто се стремиме да обезбедиме нови работни места, повисоки плати и подобар животен стандард, изјави пред медиумите премиерот Заев.
Словенечкиот премиер Церар, во изјавата ја потврди определбата на Словенија за продлабочување на соработката со Македонија и за поддршка на нашата држава во повеќе области, како што се екологијата, енергетиката, земјоделството, индустријата.
На билатералната средба беше разговарано за можноста за поконкретна помош преку грант од Словенија што би бил наменет за еколошки цели, како и за продлабчување на соработката во земјоделството, туризмот, културата и за зголемување на трендот на трговската размена. Словенечкиот премиер Церар на средбата им честиташе на премиерот Заев и на владините претставници за отворените важни реформски процеси, за инклузивните политики како и за пристапот во решавањето на билатералните прашања што ги отвора перспективите на државата. Во одговор на новинарско прашање словенечкиот премиер ги поздрави интензивираните разговори со Грција и оцени дека сега е вистинскиот момент за можно решение.
Премиерот Заев на средбата соопшти дека Владата е определена кон искрени добрососедски односи што донесе до договорот со Бугарија, а сега и до принципиелни разговори со Грција поставени на достоиствено ниво.
Премиерот Заев во одговор на новинарските прашања рече дека очекува поддршка од целата меѓународна заедница за членството во НАТО, а потврди и дека очекува посета на нашата држава од страна на еврокомесарот Хан и високата преставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Могерини по соопштувањето на Извештајот на ЕК за Македонија, најавено за 17 април.
Двајцата премиери и владините делегации разговараа и за геополитичките состојби и споделија визија, за стабилност, економски развој и евро-атлантски перспективи на целиот Западен Балкан.
Словенечкиот премиер Миро Церар и владината делегација од Словенија беа пречекани со највисоки почести при денешната возвратна посета на Република Македонија. Тие се тука и утре, кога заедно со големата економска и бизнис делегација, заедно со колегите од Македонија ќе учествуваат на Бизнис конференција во Скопје.