Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, заедно со раководителот на одделението за образование, денеска на средба ги повика претставниците на советот на родители, претсавници од наставничкиот совет и училишниот одбор, заинтересирани родители и директорот на ООУ “Св. Кирил и Методиј“ за да се проговори отворено за укинувањето на IB методологија.
За ова расправаше наставничкиот совет, кој со 75% од членовите се изјасни за укинување на овој проект, 80% од родителите на децата се исто – против нивните деца да продолжат да учат по оваа методологија, а во училишниот одбор, од вкупно 8 члена, 7 се за укинување на IB методологијата, а 1 бил воздржан.
Пет родители се незадоволни од одлуката нивните деца да не продолжат да учат по оваа методологија
Општина Центар, рече градоначалникот Андреј Жерновски, е комплетно исклучена од воведувањето на оваа методологија, се вели во соопштението на Општина Центар.
Став на Жерновски и на општината е ако програмата носи бенефит на децата, да продолжи, во спротивно, истата да престане.
На забелешката на еден од родителите дека се работи за тотално промашен проект, кој децата не го разбираат, родителите имаат само проблеми, а наставниците се дополнително оптоварени, ова било само перење пари, овозможено од владата во заминување. Жерновски реагираше и побара да се избегне политиката во ова прашање, во спротивно рече дека ќе го напушти состанокот.
Директорката на ООУ “Св. Кирил и Методиј“, Вилма Поповиќ, кажа дека оваа методологија не е предвидена во Националната стратегија за образование, туку за ад хок решение кое е нецилсходбно. Таа праша, каде се и како се потрошени 100.000 евра, пари од Министерството за образование и наука, префрлени на сметката на училиштето за имплементирање на оваа методологија. Родителите реагираа дека од парите не виделе ништо, дека нема библиотеки, кабинети, работилници, лаборатории, ботаничка градина и побараа случајот да се пријави во Обвинителство и да се направи ревизија.
Директорката, која на оваа функција е од пред една година, јасно посочи дека не сака, како што од неа се бара, ретроактивно да потпишува и плаќа некакви фактури, кои континуирано пристигнуваат на име на физичко лице во правниот субјект – училиштето.
Тројца од родителите рекоа дека идејата да се учи по IB програма е добра и побараа да се испитаат можните криминали и ненаменското трошење на парите. Се согласија дека програмата е квалитетна, но не профункционирала, бидејќи работата е погрешена уште на самиот почеток.
Дел од наставничкиот кадар се пожали дека кога се воведувала програмата, во 2013-та година, тие не биле ниту прашани, ниту исконсултирани за ова и дека врз нив е вршен мобинг од страна на поранешната директорка.
Раководителот на Одделението за образование, Јагода Јанковска, заклучи дека моменталната состојба е резултат на лошиот старт, бидејќи не се исконсултирани трите клучни тела во училиштето – наставничкиот совет, советот на родители и училишниот одбор. Проектот, рече таа, тогаш е воведен на „мала врата“.