Средба на Вељаноски со европратеници

Од:

Претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељаноски денеска ја прими делегацијата на европратеници, претставници на Европската народна партија, предводена од потпретседателот Корин Вортман Коол.

На средбата, како што соопшти Кабинетот на Вељаноски, тој ги информирал за општата политичко-економска состојба во Република Македонија.

Вељаноски истакнал дека Собранието е фокусирано на повеќе прашања, но оти најзначајни се процесот на евроатлантска интеграција и доследна имплементација на донесените закони и реформи. Тој посочил дека три години по ред Република Македонија добива препорака од Европската комисија за започнување на преговорите со Европската унија и оти државата ќе ги вложи сите напори за остварување на стратешките определби, а тоа е целосна интеграција во ЕУ и НАТО и разрешувањето на спорот со јужниот сосед.

Претседателот на Собранието, упатил апел до претставниците на Европската народна партија да делуваат во своите можности за што поскоро интегрирање на Република Македонија.

На средбата ги запознал претставниците на Европската народна партија со случувањата на крајот од минатата година, како и со околностите и настаните кои им претходеа на овие настани. Тој, како што е наведено во соопштението, напоменал дека во неговиот петгодишен мандат опозицијата три пати ја бојкотира работата на Собранието.

Потпретседателката Вортман Коол истакнала дека во однос на постигнати реформи има напредок и оти Република Македонија треба да ја добие поддршката од сите членки на Европската унија. Според соопштението, таа нагласила  дека гледа позитивно на вклученоста на младите во сите општествени текови во државата, и изразила желба за што поскорешно решавање на билатералниот спор за името меѓу Македонија и Грција со што ќе се отвори патот за влегување на земјата во европското семејство.

Би можело да ве интересира

Петти ден амандманска расправа по Предлог буџетот за 2026 година

Почнува комисиската амандманска расправа за Предлог-буџетот за 2026 година

Немаме пари за истраги и вештачења, состојбата е алармантна, вели државниот обвинител Коцевски

Почна амандманската расправа за Предлог-буџетот за 2026 година

Русопулос: Европската единственост не е подарок од географијата, туку избор на волја

Жените мора да се чувствуваат безбедно и сигурно, реагира Клубот на пратенички