Претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, и делегацијата составена од претседателката и членовите на Пратеничката група за соработка на Собранието на Република Македонија со Парламентот на Република Словенија, Фросина Ташевска Ременски, Нада Ципушева и Шпреса Хадри, својата официјална посета во Република Словенија ја започнаа со средбата со домаќинот, претседателот на Државниот збор на Република Словенија, Дејан Жидан.
Жидан на средбата му честиташе на претседателот Џафери за усвоените уставни измени и Ратификацијата на пристапниот Протокол за членство во НАТО од страна на Република Грција, при што подвлече дека Република Македонија е позитивен пример дека со политичка волја и најтешките, долгогодишни спорови можат да се решат на мирен начин со взаемно разбирање. Тој истакна дека Република Словенија е силен поддржувач на Република Македонија во нејзиниот пат на интегрирање во НАТО и ЕУ, и затоа му претставува особено задоволство што таа ќе биде втората земја после Република Грција која ќе го ратификува пристапниот Протоколот за членство во НАТО, и со овој чин ќе ја потврди таа поддршка.
Претседателот Џафери изрази задоволство од топлиот прием во Република Словенија, земја со која, како што посочи Џафери, негуваме пријателски билатерални односи и делиме заедничка историја и сличен политички систем.
Тој потврди дека Република Словенија е наш докажан и безрезервен поддржувач во нашите евроатлански аспирации, и изрази благодарност за поддршката на претседателот Жидан за време на активностите поврзани со организацијата на референдумот во септември минатата година. Тој го запозна својот колега со тековните активности во Собранието и фактот што сите пратеници се активно посветени на заокружувањето на обврските кои произлегуваат од Планот 3-6-9 и Планот 18 на Владата, и тоа ги даде потребните резултати.
„Во моментов се одвива процесот на скрининг, и имајќи ги во предвид значењето и комплексноста на процесот на преговорите, како и тежината и обемот на се што треба да се усогласи, добредојдено е искуството и експертизата на Република Словенија, како една од поновите членки на ЕУ со релативно свежо искуство во процесот на пристапување, по принципот на научени лекции за пратениците и за службата на Собранието Република Македонија. Во однос на НАТО, Претседателот Џафери потврди дека е започнат процесот на ратификација на Протоколот за пристапување во НАТО во националните парламенти на земјите членки со надеж дека Република Македонија ќе биде 30-тата членка на НАТО до крајот на 2019 или почетокот на 2020 година“, истакнал Џафери, соопштија од неговиот кабинет.
Претседателот Жидан истакнал дека Европската унија се темели врз основа на европските вредности на меѓусебно почитување и нуди можности за економски развој, и во оваа насока Република Словенија е подготвена да го сподели сето искуство што го поседува во процесот на отворањето на пристапните преговори со ЕУ, со цел да бидеме што поподготвени кога ќе го дојде денот за тоа. Тој исто така подвлече дека младите луѓе на двете земји веќе ги имаат присвоено европските вредности, многу студенти од Македонија ја одбрале Словенија за завршување на нивните студии, и тоа дополнително придонесува кон градењето на мостовите на соработка меѓу двете земји.
На крајот на средбата, земаа збор и претставниците на Групите за соработка меѓу двата парламенти и се согласија дека парламентарната дипломатија, преку соработката на сите нивоа е многу значајна за што поскоро и поуспешно заокружување на бараните реформи за полноправно членство на Република Македонија во Европската унија и НАТО.