Средба на Премиерот Заев со делегација од Црвениот Крст: Со взаемна соработка ќе ги зајакнеме капацитетите на организацијата и ќе помогнеме на повеќе граѓани на кои им треба помош

Од:

Премиерот Заев денеска оствари средба со делегација од Црвениот Крст на Република Македонија, предводена од Генералниот секретар на организацијата, Саит Саити.

На средбата заеднички беше констатирано дека оваа хуманитарна организација има клучна улога во општеството, кога е хуманоста во прашање.

„Црвениот Крст и помага на државата, на институциите а од друга страна власта не почитува и не препознава како свој партнер“, истакна генералниот секретар Саит Саити.

Премиерот Заев на денешната средба посака се повеќе да се продлабочува соработката на Црвениот Крст со Владата и со Министерството за труд и социјална политика.

Потенцирајќи дека Премиерот Заев многупати досега ја покажал својата хуманост, Генералниот секретар, Саити, побара поддршка од Премиерот Заев за измена на неколку законски регулативи кои се однесуваат на работата на Црвениот Крст.

Како што рече Саити, со измените во законот за безбедност во сообраќајот, ќе се регулира издавањето на потврдите за прва помош на возачите. Паралелно, смета Генералниот секретар на Црвениот Крст, со измените во законот за Црвен Крст во голема мера ќе се зајакнат капацитетите на организацијата. Саити од Премиерот Заев побара и Владата да ја измени „Програмата за унапредување на крводарителство“, односно да се зголеми сумата која ја добива Црвениот Крст од буџетот по единица собрана крв.

„Владата има голема почит кон Црвениот Крст и неговата работа, во интерес на граѓаните. Ако со измените на овие законски прописи, успееме да го зајакнеме капацитетот на оваа организација, знам дека таа ќе им се најде на сите граѓани“, истакна Премиерот Заев.

Генералниот секретар на Црвениот Крст, средбата ја искористи да го запознае Премиерот Заев дека Црвениот Крст поседува „сертификат за силно национално друштво“. Саити истакна организацијата постојано ги проширува своите капацитетите, се со една цел – да помага на што поголем број ранливи граѓани.

Премиерот Заев на денешната средба доби и покана да присуствува на прославата на 73-годишнината од основањето на Организацијата на Црвениот Крст во Република Македонија, која се одбележува кон средината на овој месец.

Би можело да ве интересира

Мицкоски: Владата го усвои Предлог законот за соодветна и правична застапеност

Горан Наумовски

ВМРО-ДПМНЕ и партнерите ќе одбележат една година власт пред платото на Владата

ВЛЕН: Следната недела се затвора историска рана, ќе биде донесен законот за правична застапеност на Албанците

Владата ја усвои новата Стратегија за конфискација на незаконски стекнат имот

Ребалансот на буџетот треба да биде на владина седница најверојатно во четврток

Повредените и семејствата на починатите во трагедијата во Кочани не се сами, порача Владата