Средба на лидерите на земјите од „Мини Шенген“ во Скопје, Вучиќ вели дека е многу важна за Србија

Од:

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска пристигна во дводневна посета на Скопје, каде ќе се сретне со премиерите на Македонија, Зоран Заев и Албанија, Еди Рама, во рамки на регионалната иницијатива за соработка позната како „Мини Шенген“.

Вучиќ за српските медиуми изјави дека посетата на Скопје е многу важна, посочувајќи ги притоа договорите што ќе бидат потпишани утре меѓу Србија, Македонија и Албанија.

-Едниот се однесува на побрз проток на стоки и услуги меѓу трите земји, другиот за заедничко дејствување по прашањето на природните катастрофи, а третиот за создавање единствен пазар на труд, што подразбира укинување на работните дозволи, изјави Вучиќ, додавајќи дека тоа значи дека кој работи во Белград, може да работи и во Скопје и Тирана и обратно.

Тоа, потенцираше, е ужасно важно. Сакам да верувам дека потоа ќе продолжиме со сите придобивки, за што подетално ќе разговараме утре, рече Вучиќ.

Тој најави дека утре ќе биде објавено новото име на регионалната иницијатива, која досега беше позната како „мини-Шенген“.

Како што рече, суштината е многу поважна од името на иницијативата, а тоа се трите договори што ќе бидат потпишани.

Вучиќ кажа дека веќе се водат разговори за изработка на електронски персонализирани картички за граѓани од трите земји, кои ќе работат преку мобилна апликација, што ќе овозможат различни придобивки. Тој додаде дека тоа ќе се направи во договор со компаниите, така што „кога луѓето доаѓаат во Србија, Албанија и Северна Македонија, да имаат попусти за билети за превоз, во хотели, ресторани, од пет или десет отсто“.

-Сакаме да направиме брзи ленти. Кога ќе ги прошириме премините Прешево и Табановце, како и другите премини, ќе има брзи ленти за камиони, но и за автомобили, кои ќе можат да минуваат побрзо од некои други возила. Со ова креираме поинаква иднина, кажа Вучиќ.

Тој кажа и дека политички ќе придонесе за понатамошно консолидирање на мирот и поблиска соработка меѓу народите и ќе придонесе за стабилност за целиот регион.

-Идејата е заеднички да се направат планови за зелената агенда, како и да се привлечат заедно што е можно повеќе инвеститори, нагласи Вучиќ.

Тој оцени дека оваа посета е многу важна за Србија, имајќи предвид дека 4.144 компании во Србија работат со Северна Македонија, а 1.004 компании работат со Албанија.

Македонскиот премиер Зоран Заев ги пречека високите гости и ги прошета низ центарот на Скопје, по што објави за средбата на Фејсбук:

– Попладнево им посакав добредојде на претседателот на Србија, Вучиќ и на премиерот на Албанија, Рама после што имавме заедничка прошетка по новиот скопски кеј, каде домаќин ни беше градоначалникот Шилегов. Разговаравме и со граѓаните во центарот на Скопје, како најава на Економскиот форум за регионална соработка кој првпат се одржува во Северна Македонија, како и за отворањето на нови перспективи за нашето поврзување, напиша премиерот Заев на својот фејсбук-профил.

Би можело да ве интересира

Вучиќ: Утврдено е дека Србија не е одговорна за наводниот геноцид во Сребреница

Вучиќ: Српскиот народ никогаш нема да се согласи на притисоци и бесмислени обвинувања

Србија добива најнови „рафали“, но и Луј Витон и летачко такси доаѓаат во Белград

Предраг Петровиќ

Вучиќ: Убијците на Данка мислеа дека ќе останат неказнети, овој чин заслужува смртна казна

Горан Наумовски

Вучиќ: На Србија и претстојат тешки денови

Горан Наумовски

Го погребаа Вучиќ, некролог излепен низ Белград – пореметени луѓе мислат ова е политика, остра Брнабиќ

Анита Петровска Рајковиќ