Претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џафери денеска се сретна со делегација на високи офицери и цивили од Кралскиот Колеџ за oдбранбени студии од Лондон, предводена од Николас Еванс.
Како што се наведува во соопштението од Собранието, Џафери на средбата ги информирал за тековната и идната работа на Собранието поврзана со изборот на новата Влада, како и формирањето на работните тела на Собранието, измените на Изборниот законик во контекст на локалните избори наесен и воопшто ставањето во функција на демократските институции на државата, по застојот предизвикан од политичката криза.
Членовите на делегацијата, се наведува во соопштението, искажале интерес за повеќе прашања, како од внатрешно-политички аспект, така и во меѓународен контекст, при што биле разменети мислења за идните предизвици на новото Собрание, за улогата на Собранието како коректив на извршната власт, за европското и евроатлантското интегрирање на Република Македонија, прашањето за спорот со името, за односот, сензибилитетот и очекувањата на граѓаните на Република Македонија кон Европската унија како посакуван ентитет, како и за различните меѓународни влијанија во контекст на интеграцијата на балканските држави во НАТО.
Кралскиот Колеџот е еден од најпочитуваните во светот за одбранбени студии, а како дел од студиите, делегатите имаат задача да разгледуваат одредени региони во светот. Покрај офицери од Обединетото Кралство, во нејзиниот состав се и офицери од повеќе региони од светот – од Европа, Нов Зеланд, Средниот исток, Мексико, Африка и Јапонија.