Почетокот на преговорите за членство на Северна Македонија во Европската Унија ќе придонесе за задржување на кредибилитетот на ЕУ во целиот регион, оценето е на денешната средба во Брисел на вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров и министерот за надворешни работи Бујар Османи со потпретседателот на Европската комисија и висок претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Жозеп Борел.
– Во фокус на разговорот беше иднината на политиката на проширување на ЕУ, пред сѐ во контекст на случувањата по усвојувањето на новата Методологија и можностите кои ги нуди за динамизирање на процесот, усогласувањето на Преговарачката рамка за Северна Македонија, важноста и придобивките од регионалната соработка и унапредувањето на добрососедските односи како клучни елементи за европската перспектива, како за земјата, така и за целиот регион, информира владината Прес-служба.
Во соопштението се посочува дека Димитров и Османи го поздравиле активниот ангажман на Борел за поддршка на европската перспектива на регионот, како и за покренатите иницијативи за обезбедување мир, стабилност и просперитет во земјите од Западниот Балкан.
– Во таа смисла, тие изразија особена благодарност за неговиот придонес кон усвојувањето на Одлуката за отворање на преговорите со Северна Македонија од страна на Советот на ЕУ и потоа потврдена од Европскиот совет во март минатата година, се додава во соопштението.
На средбата бил потенциран фактот дека Северна Македонија има навистина голем број пријатели меѓу земјите членки на ЕУ, чии интереси за иднината на Европа се совпаѓаат со нашите за целосно интегрирање на Западниот Балкан во европскиот блок и за „конечно комплетирање на Унијата“.
Димитров и Османи на средбата нагласиле дека Владата продолжува со реформите со цел да се задржи фокусот на реформските процеси и да се одржи „позитивното досие за Северна Македонија“.
– Во однос на глобалните предизвици беше потенцирано дека земјите од Западниот Балкан покрај пандемијата, споделуваат заеднички предизвици со ЕУ и за миграцијата, борбата против организираниот криминал и тероризмот, борбата против дезинформации и хибридни закани, климатските промени, дигитализацијата и сл. Соговорниците се согласија дека успехот на европскиот проект зависи токму од солидарноста и сојузништвото, кои ќе значат потврда за споделените перспективи, информира владината Прес-служба.
Борел, од своја страна, во текот на разговорите го поздравил високото ниво на усогласување на Северна Македонија кон заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ.
– Средбата на Димитров и Османи со Борел доаѓа во исклучително важен момент за процесот на проширување на Европската Унија и во таа насока соговорниците се согласија дека започнувањето на преговорите со Северна Македонија ќе придонесе за задржување на кредибилитетот на ЕУ во целиот регион, се додава во соопштението.