Градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари, ја прими вчера во својот кабинет амбасадорката на Република Турција во Скопје, Тулин Еркал Кара.
При пријателската средба, градоначалникот Таравари и турската амбасадорка разговараа за тесната соработка меѓу турската држава и турските општини со Општина Гостивар, каде што беше констатирано дека оваа соработка не само што треба да продолжи, туку уште повеќе да се продлабочи.
Градоначалникот на Гостивар, пред средбата, изјави за медиумите дека амбасадорката Еркал Кара е пријател на Гостивар и дека ова е пријателска посета, но ќе се разговара и за плановите за општински развој, не исклучувајќи ја можноста и за инвестиции од Република Турција.
„Со турската амбасадорка, г-ѓа Тулин Еркал Кара, се познаваме од порано, уште од времето кога бев министер за здравство. Таа е пријател на општина Гостивар и моја лична пријателка. Иако денешната посета е за честитање, сигурно ќе разговараме и за развојниот план на општината, а зошто да не и за можни инвестиции на Република Турција во нашата општина”, изјави Таравари.
Амбасадорката Тулин Еркал Кара му ја честиташе функцијата на Таравари, изразувајќи надеж дека тој ќе придонесе за поддршка на турската заедница во општина Гостивар.
„Денес сум тука за да му ја честитам градоначалничката функција на г-динот Тараври. Од последните локални избори што се одржаа тука, поминале околу два месеца и затоа сакав да дојдам што поскоро и да му честитам на градоначалникот. Тој за нас е многу важен пријател. Општина Гостивар има значителен број турско население и убедени сме дека актуелниот градоначалник, несомнено ќе ги поддржува Турците како заедница во Гостивар”, рече меѓу другото турскиот амбасадор.
Инаку, амбасадорката Кара, во придружба на претставници на кабинетот на градоначалникот, посети неколку јавни и верски институции во градот Гостивар.