Премиерот Никола Груевски за време на работниот ручек со полскиот претседател Бронислав Коморовски истакнал дека Македонија е заинтересирана за динамизирање на соработката со оваа земја, особено во економијата и се заблагодарил за поддршката во евроинтеграциските процеси.
Како што се наведува во соопштението од Владата, соговорниците ги поздравија традиционално добрите и пријателски односи меѓу Македонија и Полска и изразија очекување оваа посета, во годината кога се одбележуваат 20 години од воспоставување на дипломатските односи меѓу двете земји, да претставува голем импулс за натамошно унапредување и продлабочување на билатералната соработка во сите области од взаемен интерес.
Од страна на премиерот Груевски беше посочено дека Македонија е заинтересирана за динамизирање на соработката со Полска особено на полето на економијата и можностите за раздвижување на инвестициските активности меѓу двете држави во повеќе сфери кои се од заеднички интерес.
Премиерот Груевски ја истакна можноста која им стои на полските компании за инвестирање во Македонија, објаснувајќи ги бројните предности и поволности кои компаниите би ги добиле доколку се решат да инвестираат во некоја од трговски индустриско-развојните зони, како и поволниот даночен пакет, намалените административни процедури за водење на бизнис и можноста за ползување на бенефитите од компетитивна работна сила.
Премиерот Груевски ја истакна можноста и потребата за соработка во полето на образованието при што претходно беше потпишана и Спогодба за соработка во науката и високото образование меѓу двете држави.
На средбата Груевски се заблагодари за интензивната полска поддршка за започнување на пристапните преговори за влез во ЕУ посочувајќи дека Полска беше една од земјите што на декемврискиот самит на Советот на ЕУ, се залагаше за донесување одлука за почеток на пристапните преговори со Република Македонија. Исто така изрази благодарност за континуираната поддршка на Полска за евроатланската интеграција на Република Македонија, како и генералниот став на Полска дека целосната интеграцијата на Западен Балкан во НАТО е предуслов за стабилна Европа. Притоа, премиерот ја истакна можноста за соработка и во полето на одбраната.
Полскиот претседател Бронислав Коморовски изрази задоволство од пријателството меѓу двете држави кое го потврдуваат добрите политички односи, како и можностите за унапредување на економската соработка. Тој истакна дека Република Полска е искрен пријател на Република Македонија и силен поддржувач на нејзините интеграциски напори и процеси.
Од страна на претседателот Коморовски беше истакнато значењето на заложбата за остварување поблиска и поплодотворна билатералната соработка меѓу двете држави.