Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска и заменикот на премиерот и министер за заедници и враќање на Република Косово Далибор Јевтиќ остварија средба на која се разговараше за планот за враќање на граѓани од Косово кои сѐ уште се на територијата на Република Македонија како последица на воениот конфликт во 1999 година.
При тоа, беше изразена желба за конечно затворање на ова прашање во 2018 година и за таа цел се формирани технички групи кои работат на планот за интеграција и враќање на семејствата, за што е добиена поддршка и од УНХЦР и ЕУ.
Во Република Македонија има околу 300 лица косовски државјани. Во изминатиот период 271 лице изразија желба и се вратија во Косово, а во моментов има 284 лица кои се со статус на лица под субсидијарна заштита во РМ и за кои државата се грижи.
Сепак останува отворена можноста за одреден број од овие лица во текот на 2018 година да ги искористат програмите кои им се нудат за доброволно враќање во Косово. Се отвори прашањето за реактивирање на потпишувањето на Меморандум за доброволно враќање, со цел овој документ да гарантира успешност на процесот и негово дефинитивно затворање во 2018 година.
Косовскиот министер Јевтиќ информираше дека за лицата коишто ќе се вратат во Косово се обезбедени одредени средства, како и можност за нивно вработување со цел одржливост на процесот на враќање и нивно реинтегрирање во Косово.
На средбата беше отворено и прашањето за имплементација на Договорот меѓу Република Македонија и Република Косово за потврдување на периодите на осигурување кој се применува од 2013 година, како и за други можности за продлабочување на соработката.