Студентскиот парламент при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (СПУКМ) смета дека со предложениот текст на новиот закон за високо образование, кој е предаден во собраниска процедура, „власта и МОН посегнуваат по автономијата на Универзитетот“.
Според СПУКМ, се ограничува кандидирањето за претседател на студентска организација затоа што, како што наведува, предвидено е новиот претседател да се избира од редот на студентското собрание, односно од 44 лица, а не на непосредни избори.
– Наместо зачувување на автономијата, на најбрутален начин се руши студентската автономија и организирањето на студентите. Изборите за студентските претставници на факултетстките студентски собранија ги распишува деканот наместо самите студенти. На новото тело Универзитетско студентско собрание се наметнува делегатски систем на гласање, односно 44 студенти одбрани од факултетските студентски собранија да одлучуваат кој ќе биде претседател. Идејата со ова очигледно им е да не вратат години наназад или во претходниот систем, кога функционираше делегатски систем, наведува Студентскиот парламент на УКИМ.
СПУКМ во реакцијата прашува и дали студентскиот правобранител треба им служи на студентите или на професорите бидејќи, како што посочува, наместо од студентите тој ќе се избира на седница на Универзитетскиот сенат и на сенатот ќе треба да му поднесува извештаи за неговата работа.