Спокојна и весела новогодишна ноќ во Охрид

Од:

На температура од неколку степени под нулата охриѓани и гостите што решија да ги поминат новогодишните празници на Охридската ривиера синоќа ја испратија старата 2016 и ја дочекаа Новата 2017 година.

Со традиционална забава до раните утрински часови беше во угостителските објекти и во хотелите, кои беа исполнети речиси до последното место. И оваа година најбројни се гостите од соседните држави, најмногу од Бугарија, Србија и од Црна Гора.

Само неколку стотини граѓани на Охрид и туристи, и покрај студеното време ја дочекаа Новата година на градскиот плоштад, кадешто за нивното расположение се погрижија охридските естрадни уметници Елена Велевска и Ѓоко Танески, а беше организиран и голем огномет над Охридското Езеро.

Првиот ден од Новата година, Охрид го дочека во сонце што ќе придонесе за уште подобро празнично расположение на сите гости за време на нивниот престој.

Од аспект на безбедноста, новогодишната ноќ помина мирно. Портпаролот на СВР – Охрид, Стефан Димоски информира дека на територијата на градот немало регистриран случај на нарушување на јавниот ред и мир. Примерни биле и охридските возачи и гостите кои допатуваа со своите автомобили, така што „најлудата“ ноќ минала без ниту една сообраќајна незгода.

Територијалната противпожарна единица пак во текот на ноќта имала само една помала интервенција на опожарен неисчистен оџак, којшто веднаш бил изгаснат без да биде предизвикана материјална штета.

Во Службата за итна мединцинска помош задоволни се како поминала новогодишната ноќ. Дежурните медицински екипи немале ништо повеќе работа отколку во обичните денови. Оттаму го поздравуваат однесувањето на граѓаните кога е во прашање прекумерното консумирање алкохол, за што говори податокот дека медицинска помош поради пијанство побарале само неколку помлади лица.

Засега се уште нема принова во охридската Општа болница така што на првиот нов жител на градот во оваа 2017 година ќе треба да се причека.

Би можело да ве интересира

Обид за убиство во Охрид: Скопјанец со нож сакал да убие познаник

Уапсен маж осомничен дека предизвикал пожар, кај него е пронајдена запалка тврди полицијата

Охридскиот регион остана под заштита на УНЕСКО, ќе се ангажира фирма која ќе ги урне дивоградбите во Охрид, рече Мицкоски

Љутков: Извештајот на УНЕСКО за Охрид се однесува токму на периодот на владеење на СДСМ и ДУИ

СДСМ: Охрид е на чекор од губење на статусот на заштитено светско наследство

УНЕСКО бара Охридскиот регион да биде поместен на Листата светски природни и културни реткости во опасност