Спасовски: Игнорирањето е најлош можен пристап кон семејствата на загинатите

Од:

Ова е навистина тешка дебата во којашто се мешаат разумот и емоциите, меѓутоа во моменти кога родителите собираат најголема сила за да учествуваат во дебатата, на нас не треба да ни биде тешко ништо. Треба да бидеме потрезени и поразумни во дебатата ако сакаме да допринесеме барем малку да се смени системот, рече координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, на денешната дебата пред анкетната комисија за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

Спасовски нагласи дека трагедијата ги погоди не само семејствата на жртвите, туку и целата заедница: „Загуба има и градот Кочани, државата, изгубени се цели генерации, не само на починатите, туку и на оние кои преживеаја и кои останаа со сериозни повреди“, потенцираше Спасовски.

Тој нагласи дека анкетната комисија има задача да го испита функционирањето на системот и институциите, но дека кривичниот прогон останува во надлежност на Јавното обвинителство.

Спасовски повика на анализа на законските решенија и сите системски пропусти: „Од 16 март до денеска, најлесно ни е да кажеме ‚системот не функционира‘, но не одговараме на прашањето што направивме за да почнеме да го менуваме системот кој не ни функционира“.

Тој потенцираше дека е неопходно да се ревидираат закони и правила кои оставиле простор за манипулација: „Сè што не го дефинираме во законска рамка остава простор за манипулација и различни толкувања, што нè доведува во сериозен системски проблем. Временската рамка сè уште овозможува конкретни акции. Сè уште има време декларативното да го претвориме во дела“, додаде тој.

Спасовски истакна дека барањата на родителите и семејствата мора да бидат разгледани и аргументирано образложени:
„Игнорирањето е најлош можен пристап, особено кон семејствата на загинатите. Системот ќе го градиме со заедништво и солидарност. Комисијата и секоја друга расправа не смеат да бидат политизирани. Ова е настан во кој нема и не треба да има политика“, истакна Спасовски.

Тој потврди дека поддршката на пратеничката група на СДСМ и коалицијата ќе биде целосна во процесот:

„Поддршката на пратеничката група на СДСМ и коалицијата ќе ја имате во целиот процес, заедно со законодавниот дом и парламентарното мнозинство, доколку навистина сакаме да направиме промени. Повикувам по завршување на дебатата да седнеме заедно со родителите и заеднички да ги напишеме заклучоците и едногласно да ги усвоиме, за да знаеме како да постапуваме во идниот период“, рече координаторот на пратеничката група на СДСМ.

Би можело да ве интересира

Одобрени се обвиненијата против 13 полициски службеници за пожарот во Кочани и за злоупотреби со ИПАРД

Тринаесет полициски службеници ќе одговараат за пожарот во Кочани

(ВИДЕО) Спасовски: Ако не се покачи минималната плата, Македонија ќе остане без своите работници

Сведоци за пожарот во „Пулс“: Паника за време на настапот на ДНК

(ВИДЕО) Спасовски: Со минимална плата од 600 евра ја штитиме егзистенцијата на граѓаните, прифатете го Законот

Апостолов: Во „Пулс“ гореа плафонот, шанкот и бината, имаше сандаче за хидрант со црево, ама немаше вентил