Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска во Сараево во рамки на работната посета на Министерството за безбедност на Босна и Херцеговина, имаше работна средба со неговиот домаќин министерот за безбедност Драган Мектиќ.
Како што информираат од МВР на средбата соговорниците нагласиле дека иако немаат отворени прашања, сепак, постојат заеднички безбедносни предизвицина кои е потребно да се решат, а меѓу нив се миграцијата, тероризмот, екстремниот радикализам, криумчарење на луѓе…
Министерот Спасовски соопштил дека е почната постапка за потпишување на Меморандум за соработка меѓу Агенцијата за школување полициски службеници во Мостар и Центарот за обука во Скопје“, притоа потенцирајќи дека за да се има силна полиција важен сегмент е и образованието.
-Агенцијата за школување на полициски службеници во Мостар има солидна програма и наставен кадар кој ќе помогне при процесот на стекнување и дооформување на стручното образование на полициските службеници во Македонија, изјави првиот човек на македонското МВР.
Според Спасовски Центарот за обука во Скопје, постојано работи на унапредување на програмите и наставниот кадар и може да понуди соодветна обука според потребите на полицијата на Босна и Херцеговина.
-Денеска беше договорено и одржување на редовни состаноци на раководителите на единиците за меѓународна полициска соработка, на кои ќе се разменуваат информации, но и ќе се договараат заеднички операции и генерални планови за дејствување, додаде Спасовски.
Според министерот Мектиќ, постојат заеднички безбедносни предизвици и потребна е соработка за нивно надминување.
-Разговаравме и за заедничко делување во регионални проекти. Имаме заеднички проблеми како трговијата со наркотици, мигрантите и слично така што можеме меѓусебе да си помогнеме, истаклна Мектиќ.
Македонија и Босна и Херцеговина во Скопје потпишаа договорот за взаемно признавање на возачките дозволи, што е од големо значење и за граѓаните на двете држави, а надлежните министерства работат и на финализирање на договорот за влез на државјаните од двете држави со лични карти.