Пензионираните рудари ќе имаат предност за бесплатна бањско-климатска рекреација идната година, информира министерот за труд и социјална политика Диме Спасов на отворената владина седница.
Според него, на ова категорија им е потребна бањско-климатска рекреација поради работата на подземен ископ и во 2015 година ќе имаат приоритет.
И за наредната година, нагласи Спасов, планирано е 5.500 пензионери да ја искористат оваа бесплатна услуга.
Премиерот Никола Груевски укажа дека предност треба да имаат оние возрасни лица што досега не ја користеле оваа услуга.
– Ќе одат само тие што не биле, што значи секоја година одат нови. Предност имаат се додека не се случи да нема веќе што аплицирал што не бил некој. Оваа услуга опфаќа шест бесплатни полни пансиони, превоз, бањска терапија и здравствен преглед, рече Спасов.
Предвидено е до 50 бода да се добиваат врз основа на висината на пензијата, до 30 бода во зависност од времетраењето на користењето на пензијата и должината на пензискиот стаж, 10 бода за корисниците на пензија што биле рудари и 10 бода за корисниците на пензија кои имаат инвалидност над 80 отсто, бидејќи и нивната здравствена состојба е полоша.
Повикот ќе се објави на 15 јануари и ќе трае еден месец, до 14 февруари за што ќе има и соодветно информирање преку медиумите. Рангирањето ќе го врши меѓуресорска комисија составена од повеќе институции од МТСП, од Министерство за финансии, од ПИОМ итн. За реализација обезбедени се 35 милиони денари, плус три милиони денари за превоз.
– Би сакал само да потенцирам дека и континуирано се подобруваат условите во самите бањи, се развива бањскиот туризам преку овој проект бидејќи имаат редовно муштерии. Јас ги имам посетено сите бањи, и вие сте биле во повеќето и навистина условите се како во хотел, нагласи Спасов.
Заклучно со оваа година, петта година како Владата го реализира овој проект. Досега 27.430 пензионери го имаат искористено правото на бесплатна бањско-климатска рекреација. Само оваа година аплицираа над 20.000 пензионери кои изразија интерес, а бесплатната услуга ја искористија 5.500.
За 2015 година министерот Спасов најави туристички викенд за пензионери, со кој е предвидено да се опфатат 3.000 лица.
– Тоа е уште еден проект кој е со акциски план за почеток за реализација во 2015 година. Планирани се меѓу 8,5 до 10 милиони денари. Повикот ќе започне од 15 јануари до 14 февруари, а пензионерите ќе бидат соодветно информирани, појасни Спасов.
Викендите предвидено е да бидат реализирани во Охрид, Дојран, Струга, Берово, Преспа и Крушево, да биде петок со вечера, сабота полн пансион, недела појадок и ручек и потоа враќање, со соодветни екскурзии што треба да ги реализира туристичката агенција што ќе го го добие тендерот.
– Тендерот е распишан, треба да заврши некаде до крајот на јануари. Оние што ќе понудат најниска цена ќе бидат избрани со тоа што туристичката агенција практично што ќе даде најповолна понуда ќе го реализира и превозот, а и реализацијата на бесплатниот туристички викенд во овие градови, додаде Спасов.
Рангирањето ќе се врши со 60 бода врз основа на висината на пензијата за поголема можност да имаат оние пензионери што имаат пониска пензија, 30 бода во зависност од времето на користење на пензијата и пензискиот стаж и 10 бода за лица кои користат помош и нега за трето лице, додаток за мобилност, слепило или, пак, наглувост, односно потполно слепи лица, потполно глуви лица и лица коишто се телесни инвалиди во количка. Планирано е да се реализира во април, мај, јуни, септември и октомври.