70-годишен Германец синоќа бил успешно извлечен откако се загубил на Скопска Црна Гора. Човекот прво заглавил со возилато и тргнал пешки до објект кој го видел, но залутал. Имал само германски телефонски број и стравувајќи за животот се јавил за помош во својата држава.
Од тамошната агенција за помош контактирале со АМСМ од каде информацијата дошла во Центарот за управување со кризи по што почнала акцијата за спасување.
– Конкретно, по пријава од страна на дежурен вработен во АМСМ, а добиени податоци од Германската служба за помош на пат (којашто служба соработува и е слична со нашата АМСМ) во Центарот за управување со кризи ЦУК беше добиена информација дека е изгубено повозрасно лице (70 години – германски државјанин којшто зборувал и на турски јазик) после село Блаце, на планината Скопска Црна Гора во правец кон селата Брест и Танушевци, со координати дадени на АМСМ од страна на Германската служба за помош на пат. Лицето немало јадено веќе еден ден и истото било уплашено за својот живот во мракот во планината. АМСМ имале контакт преку Германската служба за помош на пат за состојбата на изгубеното лице, но во момент на координацијата со Секторот за операции и координација во Центарот за управување со кризи (ЦУК) немале можност за контакт со лицето. Затоа од страна на АМСМ во ЦУК биле дадени и два странски телефонски броја од изгубеното лице. Во потрагата биле корисни и дел од информации добиени на 112 во ЦУК.
Инаку, според развојот на настанот, Регионалниот ЦУК Скопје, веднаш по вклучувањето во истрагата, известиле дека за пријавата, добиена околу 18:00 часот, за изгубеното лице на падините на Скопска Црна Гора бил воспоставен телефонски контакт со полициските станици (ПС) Мирковци и ПС Танушевци на коишто им била пренесена информација дека, согласно пројавените координати за изгубеното лице, истото е можно да се наоѓа во непристапен терен за што ќе има потреба од теренско моторно возило (со погон 4Х4) за да се стаса до лицето. Истовремено од ЦУК биле информирани и надлежните на Општина Чучер Сандево за нивно можно вклучување во потрагата согласно развојот на ситуацијата и потребите на потрагата.
Од ЦИК на МВР известија околу околу 19.30 часот дека потрагата по изгубеното лице на падините на Скопска Црна Гора завршила успешно и дека лицето е пронајдено. Практично, беше успешно пронајдено изгубено лице на планината Скопска Црна Гора во координирана акција на Германската служба за помош на пат, македонската АМСМ, МВР и на ЦУК, информираше Центарот за управување со кризи.