Условен датум за почеток на преговорите за членство во јуни 2013 година или букурешко сценарио и замрзнат статус до недоглед. Меѓу овие две крајности денеска министрите за надворешни работи и европски прашања на земјите-членки на ЕУ ќе одлучуваат во врска со евроинтегративната иднина на Република Македонија пред Самитот на Европскиот совет што в четврток и петок ќе се одржи во Брисел.
Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, токму овие драфт-верзии меѓу многуте што циркулираат пред почетокот на состанокот на Советот за општи рбаоти (ГАК) во врска со Македонија, се очекува да падне заклучок на министрите за Европскиот совет само истиот да го потврди на Самитот.
Комесарот за проширување на ЕУ, Штефан Филе, како и првиот човек на Директоратот за проширување, Стефано Санино, од вчера се наоѓаат во последна мисија да го спасат образот на Европската комисија во однос четирите едноподруго препораки за отпочнување на преговори за членство на Македонија во ЕУ. Токму Комисијата е главен лобист нашата земја по четврти пат да не остане пред вратите на Унијата, во што има поддршка од поголемиот број земји-членки, освен Грција, Франција и неодлучната Бугарија.
На синоќа одржаниот состанок на Комисијата за надворешни работи се отворила дискусија за пакетот за проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан, но ограничено само на безбедносните ризици и очекуваните резултати од дијалогот Белград-Приштина. Притоа, според сознанијата на МИА, министрите издвоиле по една позитивна и негативна драфт-верзија на заклучок за Македонија и Србија, односно условен датум за почеток на пристапните преговори за Македонија во јуни 2013 година, а во март истата година за Србите, наспроти заклучок без никаков датум како најлоша верзија за двете земји кои ги исполнуваат условите да почнат да преговараат за членство во ЕУ.
Ерато Козаку-Маркулис, министерката за надворешни работи на Кипар, која е земја-претстедавач со Унијата, денеска ќе го предводи состанокот на ГАК, кој официјално започнува во 10:00 часот. Сепак, за нас и за Унијата клучните заклучоци во врска со пакетот за проширување е најавено дека ќе започнат во 15:00 часот и ако нема подолги расправии, истиот се очекува да заврши во 18:00 часот за кога е закажана прес-конференција на која треба да се појават министерката Козаку-Маркулис и еврокомесарот за проширување Филе.
Дали првиот човек за проширување на ЕУ ќе објави победа во својата дипломатска активност, пред се да издејствува неопходен почеток на пристапните преговори со Македонија е многу неизвесно и до последен момент не се знае исходот.
На вчерашниот попладневен ручек со министрите за надворешни работи, Филе изврши притисок денешниот заклучок на ГАК да биде позитивен во однос на препораката за Македонија, која годинава по четврти пат ја издаде неговиот Комесаријат за проширување. Тој, според најавите, заедно со својата „десна рака“ Санино ќе лобираат во текот на целиот денешен ден, со намера на закажаната прес-конференција Чехот да излезе со кренати раце што е во негов најголем интерес бидејќи неговиот Директорат и позиција се загрозени во случај на неуспех.
Портпаролот на Филе, Петер Стано, вчера во изјава за МИА потврди дека ЕК и неговиот шеф на денешниот Совет за општи работи ќе инсистираат на прифаќање на препораката за сите земји-кандидати и потенцијални кандидати, односно на се она што ЕК го има препорачано во октимвриските извештаи. Но, гласноговорникот на Филе вели дека се зависи од земјите-членки дали ќе ја прифатат нивната препорака во однос на Република Македонија и останатите.
Иако расположението кај поголемиот број земји-членки е Македонија да ги отпочне пристапните преговори, нашите последни информации се дека Грција не сака да попушти и инсистира на заклучок каков што се донесе на Самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година. Тогаш Алијансата се согласи дека Република Македонија ги исполнува сите реформи и издаде условена покана за членство на нашата земја во НАТО што би била активирана откако ќе се реши наметнатиот спор за името со јужниот сосед.
Ова е најнегативната варијанта во однос на драфт-верзиите што деновиве се вртат низ бриселските кулоари, а најмногу се типува на последниот драфт усвоен на состанокот на дипломатските претставници на земјите-членки, т.н. КОВЕБ, каде се предлага Македонија да добие датум за почеток на пристапните преговори во јуни 2013 година, кој најмногу би зависел од вонредна препорака на Комисијата за нашата земја што би се подготвила дотогаш, а која најмногу би се засновала на добрососедските односи.
– Европскиот Совет во голема мера ја дели проценката на ЕК дека политичките критериуми продолжуваат доволно да се исполнуваат и обрнува внимание на препораката да се отворат преговорите за пристапување со Поранешната Југословенска Република Македонија. Со оглед на можното отворање на пристапните преговори со Поранешната Југословенска Република Македонија во јуни 2013 година, Советот ќе го испита напредокот во спроведувањето на реформите во контекст на Пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД), врз основа на извештајот што би бил претставен од страна на Комисијата во првата половина на 2013 година. Комисијата се повикува да поднесе навремен предлог за рамка за преговори со Поранешната Југословенска Република Македонија во согласност со заклучокот на Европскиот Совет од декември 2006 година и воспоставената практика, која исто така, ги зема предвид добрососедските односи, се предвидува во оваа драфт-верзијата. Овој документ во врска со односите со соседите, предвидува дека одржувањето добрососедски односи, вклучувајќи ја и потребата за изнаоѓање компромисно и взаемно прифатливо решение за прашањето за името под покровителство на ОН останува од суштинско значење.
– Постои потреба да се донесат долготрајните разговори за прашањето за името до дефинитивен заклучок без одлагање. Советот го поздравува импулсот, кој е генериран од последните контакти/размена меѓу двете страни, по грчкиот предлог-меморандум за разбирање. Советот, згора на тоа е охрабрен и од последните контакти со посредникот на ОН, се наведува во ова нацрт-решение.
Притоа, во можниот заклучок од овој предлог се наведува најчесто споменувата варијанта за нас досега, а тоа е почеток на т.н. скрининг-процес со отворање на поглавјата 23 и 24.
Иако денешниот состанок на ГАК е последното тело кое ги носи нацрт-заклучоците за Самитот на Европскито Совет кој ќе се одржи во четврток и петок, не се исклучува ниту можноста како во 2005 година, кога Македонија стана земја-кандидат, токму на Самитот на ЕС да одлучуваат премиерите и претседателите на државите за доделување датум за почеток на преговори. Но, ова е варијанта која најмалку се споменува оти денеска, се очекува договор на шефовите на дипломатиите на земјите-членки на Европската унија.