Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска имаше средба со нејзиниот словенечки колега Матеј Тонин, кој како дел државната посета на претседателот на Словенија, Борут Пахор, престојува во официјална посета на нашата држава.
Како што се наведува во соопштнието од Министерството за одбрана, Шекеринска се заблагодари за поддршката на Словенија на нашиот пат кон НАТО и изрази увереност дека соработката во одбраната меѓу двете земји ќе добие нов интензитет во рамки на Алијансата.
– Гласната поддршка од Словенија во НАТО и ЕУ беше силен мотив да ги засилиме нашите напори за остварувањето на стратешките цели. Во мене како министерка за одбрана ќе имате секогаш соговорник и партнер за соработка на полето на обуките, тренинзите и заеднички мисии, рече министерката Шекеринска.
Словенечкиот министер Тонин честитал за успесите што ги постигна Република Северна Македонија со приемот во НАТО и отворањето на патот кон ЕУ и ја покани министерката на возвратна посета во Љубљана.
Како што се наведува во соопштението, двајцата министри разговарале и за поблиска соработка во Балканските медицински сили и за здружување на ресурсите за настап во меѓународни мисии.
Северна Македонија и Словенија и како партнери, а сега и како сојузници во Алијансата имаат одлична одбранбена соработка. Билатералната одбранбена соработка почна во 1994 година, а од 2004 година секоја година се реализираат и годишните Планови за одбранбена соработка кои вклучуваат голем број на активности во областа на образованието и едукацијата, военото разузнавање, против-воздушната одбрана, логистиката и јавните набавки и планирачките процеси на Алијансата. Интензивната билатерална соработка се рефлектира и во доменот на регионалната соработка, особено во однос на Иницијативата за соработка на министрите за одбрана на ЈИЕ и Балканските медицински сили, се посочува во соопштението од МО.