СОНК ги разгневи наставниците: Каква е таа пародија синдикат да тужи сопствени членови?!

Од:

Најавите на СОНК дека ќе поднесе тужби против членови на Наставничкиот пленум за ширење на лаги и клевети, уште повеќе ги разгневи наставниците кои и онака не беа задоволни од синдикалното раководство. Тие се револтирани од постапката на синдикатот, кој треба да ги заштити, и не можат да сфатат како може СОНК да си дозволи да го тужи сопственото членство. Велат дека по ова Пленумот станува помасовен и дека се повеќе наставници се зачленуваат, а дел од членството бара промена во синдикатот и смена на претседателот.

Дел од наставниците сметаат дека е неопходно во овој момент СОНК да се демократизира, како што велат, и да го артикулира барањето на просветните работници. Според нив синдикатот во овој момент не ги исполнува барањата и целите на неговите членови, а со тоа и не ја врши работата заради која е формиран. Промена и повлекување на раководството би се побарало заради непочитување на мислење на сопственото членство, заради лошата спогодба со МОН, заради неспособноста да се пренесат вистинските барања на наставниците и заради неискористениот моментум.

Актуелниот претседател на Синдикатот, Јаким Неделков, пак, вели дека начинот на кој функционира Пленумот е во спротивност со принципита на СОНК и дека со параформираното организирање на наставниците се создава раздор во синдикатот. Тужби, вели, ќе бидат поднесени затоа што членови на Пленумот во континуитет изнесувале лаги и клевети со отворени писма до медиумите и во телевизиски програми. Тужбите ќе бидат поднесени против поединци на Пленумот, а најверојатно и против Мултиетничкиот синдикат за образование (МЕСО).

– Тие можат да бидат вклучени во дијалогот со МОН само преку СОНК. Ако се навистина членови на СОНК тие со нивните активности во рамки на синдикатот можат да допринесат за спроведување на она што е добро. Никој не спори дека тој Пленум има луѓе кои мислат добро, но начинот на нивно делување е спротивно на принципите на СОНК. Не може да формираат параорганизаија во СОНК и да бидат партнери со МОН. Тоа е кршење на статутот на синдикалната организација, создавање нетрпение и раздор. МЕСО во неколку наврати изнесе доста шпекулации и клевети. Ако продолжат со таква политика против СОНК не е исклучено и пријава против МЕСО – вели Неделков.

Наставниците се револтирани од овие закани и прашуваат дали слободното изразување на мислење и став се смета за незаконско дејство. Доколку навистина се покрене тужба тие велат дека ќе побараат правна помош од сите релевантни институции кои им стојат на располагање вклучувајќи ја и правната помош од СОНК како негови членови.

Жана Живадиновиќ, професорка по англиски јазик во едно од скопските училишта, член на СОНК и активист на Пленумот, вели дека во најавата препознава обид за заплашување.

– Чии интереси штити раководството на СОНК? Каква е таа пародија синдикат да тужи сопствени членови и тоа со средства од членарината кои истите му ја плаќаат? И каков е тој однос на раководството на СОНК да комуницира со сопствените членови преку медиуми? Свесна сум дека синдикалното организирање е навистина важно и токму затоа сакам синдикатот да се демократизира, а не да се разнебити. Раководството треба да ги чуе своите членови и да ги пренесе ставовите кои сè повеќе и погласно се артикулираат – вели професорката.

Маја Васева

Би можело да ве интересира

Ангелова: Сите наставници од основно до високо образование ќе имаат повисоки плати

Јаневска: За четири месеци ги зголемивме платите на наставниците и инвестираме во инфраструктура

Худолин: Ако има премногу деца во училниците, тогаш се отежнува учењето

Неделков: Вработените во Зоолошката постапиле согласно протоколите, на сметка на тоа се јавно линчувани

(ВИДЕО) Митева: Платите во образованието до 2028 година ќе пораснат минимум 46 отсто

Горан Наумовски

Јаневска: Зголемување на платите за пет отсто ќе добијат и другите кадри во образовниот систем