Соња Христовска, доброволец на Инфективната клиника: Овде денот трае повеќе од 24 часа

Од:

Соња Христовска, магистер по македонистика, а вработена на Клиниката за дерматологија како техничар, е еден од доброволците кој реши периодов своето знаење и експертиза да ги вложи во Клиниката за инфективни болести, а со цел да помогне со напливот на пациенти заболени од коронавирусот.

Болниците се полни, во просек дневно има по стотина новозаболени од Ковид-19, дел од нив се асимптоматски или со полесни симптоми, но голем дел завршуваат во болничките оддели. Оваа состојба го стави здравствениот систем во земјава пред голем предизвик, или, како што рече министерот за здравство Венко Филипче, „ова е најголемата здравствена криза досега“.

Самоиницијативно, за помош се пријави медицински кадар од повеќе градови во државата. Христовска е од Скопје и за „А1он“ ги раскажува првите искуства од последниве десетина дена, кога почнала да волонтира.

„На Инфективната клиника сум била пред 20 години како ученичка на пракса. Уште од тогаш се сеќавам дека имаше премногу работа, а ние како ученици имавме можност многу да научиме и да се стекнеме со големо искуство. Тие во нормални услови имаат многу работа, а да не зборуваме како е во време на пандемија. Сакав да помогнам, знаев дека ќе бидам од корист и затоа доброволно се пријавив. Уште првиот ден, кога дојдов на паркингот, наидов на една госпоѓа која зрачеше со посебна енергија. Имав чувство дека е главната сестра. И не згрешив. Таа беше сестра Зорица Љубичиќ. Каков домаќински пречек нѝ направија заедно со директорката д-р Милена Стевановиќ, како топло нѐ примија….немам зборови. Оддамна не сум се почувствувала така испочитувана од претпоставени лица“, вели Христовска.

Таа вели дека целиот персонал работи како да треба допрво да се докажува за вработување. Преморени се и исцрпени, раскажува таа, а сепак толку сплотени, храбри и вредни.

„Меѓу нив циркулира некоја волшебна енергија која се пренесува на сите. Човек од нив треба да учи не само за работата, туку и за животот. Најголемата животна лекција ја согледав на дело. Човек треба да се бори до крај и никогаш да не се откажува. Се работи по 12 часа дневна смена, следниот ден – ноќна и потоа ни следуваат два слободни дена. Не знам дали да кажам ноќна смена или „дневна – продолжена“. Овде нема ден/ноќ. Имам чувство дека овде денот трае повеќе од 24 часа. Тешко е. Претешко. Но, се издржува. Пред неколку дена дојде помош од медицинскиот персонал од Брза помош – Кавадарци, Јесеново – Велес, болниците Кичево и Кочани. Оставија домови и семејства и дојдоа да помогнат. Колегите се прекрасни и веднаш се вклопија во работата. Сите лежечки капацитети се полни. Од пред некој ден почна да се полни и мобилната болница, која е во склоп на клиниката“, вели Христовска.

На Инфективната клиника нема ден да не помине без најмалку еден смртен случај. Со сето тоа докторите и сиот медицински кадар треба да се носат, особено што вирусот е непредвидлив, па така за жал често настапува и смртта.

„Има и полесни, и потешки случаи. Повеќето имаат зголемена телесна температура, силно кашлање, болки во грлото, отежнато дишење, стегање во градите и се на кислородна поддршка. Разговараме со нив, делуваме и психички, бидејќи многу лесно човек може да се предаде на болеста и да западне во депресија. Глетката е очајна. Нема ден да не помине без смртен случај“, вели Христовска.

На прашањето како целата оваа ситуација влијаела врз неа и врз нејзиното семејство, таа тврди дека здравствената криза со која се соочува земјата, но и светот, ја научиле и на некои вредности.

„Ме научи да бидам смирена и во тешки моменти, бидејќи нервозата никаде не водела. Додека јас очекував кои чуда ќе се случат во 21 век, векот нѐ врати назад. Нѐ затвори дома. Веројатно за да се освестиме, да размислуваме и да го поправиме своето однесување. Затоа, драги мои, сега е време да се обединиме и да бидеме единствени. Потребни се само 3 работи: маска, дистанца, миење раце. Само три. Не е тешко, верувајте. Така ќе си помогнеме и себе си, и на другите. Одговорноста ни е заедничка. Барем да знаеме дека сме направиле сѐ што можеме“, објаснува Христовска.

Посочувајќи на сето она што го видела во последниве десетина дена на Инфективната клиника, таа потсетува колку недисциплината скапо може да нѐ чини.

„Цената ќе биде по цена на здравје. Не ми се лутете и не ме сфаќајте погрешно. Ќе има време кога ќе славиме. Па, нас во крвта ни е да се радуваме. Ама, не сега. Има време. Мораме овој тежок период заедно да го пребродиме и да се воздржиме. Мораме. Природата не бара многу од нас. Знам дека можеме и знам дека не е тешко. Да повторам, само 3 работи: маска, дистанца, миење раце. Само три.. Ве молам“.

Лицата кои самоиницијативно се пријавија да помогнат на Инфективната клиника и во ГОБ „8 Септември“, ќе останат таму најверојатно до 1 јули, а потоа ќе следуваат нови ротации. Не се исклучува ниту можноста тие таму да останат подолго, доколку се оцени дека е потребен кадар.

Би можело да ве интересира

Пензионер од кочанско почина од компликации од Западно-нилска треска

Катерина Ѓуровски

Регистрирани се нови 57 случаи на Ковид, четворица починати како последица на вирусот

Катерина Ѓуровски

Питомци од Воената академија побарале лекарска помош на Инфективната клиника во Скопје

СДСМ: Се случи најлошото, почина пациентка која не била примена на интензивна нега на Инфективна клиника

Катерина Ѓуровски

СДСМ: Дали е точно дека лица со Ковид на кои им е потребен респиратор не се примаат на интензивна нега на Инфективна клиника

Катерина Ѓуровски

Вкупно 250 случаи на Ковид-19 во јули во државава