Левичарското движење „Солидарност“, утре, со почеток во 17 часот, организира отворена дискусија „Македонската криза – можни сценарија и насоки за делување“, која ќе се одржи во Институтот за социолошки, политички и правни истражувања. „Македонија веќе извесно време е во политичка криза.
Вознемирувачки е недостатокот на артикулирана дебата и граѓанска мобилизација која би имала за цел соочување и справување со кризата и нејзините последици. Гласниот молк дополнително додава на чувството на беспомошност на граѓаните на Република Македонија. Ние, активистите од ЛД Солидарност, веруваме дека чувме доволно докази за нелигитимноста на овој режим, но и за нивната решеност да не отстапат ни милиметар од апсолутната моќ која ја имаат.
Она што треба да следи во многу скоро време е, конечно, тие да го слушнат гласот на народот. Меѓутоа, комплексноста на ситуацијата ни налага промислено согледување на состојбите и перспективите за идно делуваање. Имајќи го предвид сево ова, ЛД Солидарност како организација која презема општествена одговорност организира дискусија на која ќе учествуваат членови на ЛД Солидарност, експерти, активисти и засегнати граѓани.“, стои во соопштението за оваа дискусија.
Воведни излагања на темата ќе имаат: Мирјана Најчевска, Ирена Стефоска, Кире Василев, Миша Поповиќ, Дане Талески, Соња Стојадиновиќ, Артан Садику и Горан Јанев. Потоа ќе следи отворена интеракција со публиката. Модератор на дискусијата ќе биде Јордан Шишовски.