Левичарското движење СОЛИДАРНОСТ остро ги осудува притисоците, опструкциите и заканите врз членовите на синдикалната организација СОНК кои преку нивното легитимно право на штрајк се борат за подобрување на нивните работнички права.
„СОЛИДАРНОСТ ја изразува својата искрена и цврста поддршка за тековниот Генерален штрајк во основните и средните училишта, установите од кулурата и за грижа и заштита на деца во Република Македонија. Ги поддржуваме сите нивни барања, пред се основното за укинување или изменување на екстерното тестирање кое се претвори во казнена мерка против наставниците и професорите вклучени во процесот на основното и средно образование. Ги поддржуваме и нивните барања за корегирање, покачување и усогласување на неправедно ниските примања на вработените во дејностите заштита на деца, образовнието и културата и примена на колективните договори, како и барањето за рационализација на службената евиденција во училиштата.
Правото на штрајк во Македонија во последните години станува едно од клучните права за работничката борба токму поради фактот што работничките права под директен напад од власта. Политиките и одлуките на власта непрекинато целат кон оневозможување на користењето на правото на штрајк. Власта воспостави пракса на штрајкбрехерство преку менување на закони по итна постапка и ангажирање на привремено вработени се со цел да ги спречи и обесхрабри работниците во нивната праведна борба. Оваа пракса е антиуставна, антидемократска и неправедна преку која Македонија станува земја со најужасни политики на трудот во регионот и во Европа.
СОЛИДАРНОСТ повикува на итно прекинување на оваа пракса од страна на власта. Солидарност најостро реагира против примената на противуставните одредби од неодамна изменетиот закон за образование со кој се воведе легализирање на штрајкбрехерството со привремено вработување на заменици наставници за оние кои штрајкуваат со што се укинува уставно гарантираното право на штрајк. Правото на штрајк е најсилното и неприкосновено право на вработените и гарантирано со Уставот на Република Македонија, Член 38.
СОЛИДАРНОСТ упатува безрезервна поддршка на штрајкот на СОНК и нивните членови и воедно ги повикува институциите на власта како и медиумите под нивна контрола да се откажат од кршењето на ова право и оцрнувањето и клеветењето на членовите на СОНК.
СОЛИДАРНОСТ се залага за проширување на работничките права и доследно почитување на правото на штрајк за сите работници како единствен начин на постигнување достоинствен живот за сите граѓани како и за враќање на принципот на социјална правда во Македонија. Најостро ги осудуваме невидениот притисок врз синдикалните водачи и членови, срамната диригирана медиумска акција за дискредитација на раководните органи на СОНК како и оцрнувањето на цела педагошка професија и кампањата против штрајкувачите и штрајкот на СОНК. Организирањето на контра-штрајкувачи, ширењето дезинформации и поттикнување раскол во СОНК е типичен пример за недемократскиот принцип на владеење на оваа технократска влада. Наместо социјален дијалог понудија медиумска војна, наместо преговори со социјалниот партнер спротивставуваат партиски војници.
СОЛИДАРНОСТ застанува решително до членството на СОНК и дава поддршка тоа да истрае во остварувањето на своите разумни и дури скромни барања за унапредување на воспитно-образовниот процес на сите нивоа.
Солидарност ги повикува одговорните лица од ресорните министерства за образование и наука и за труд и социјална политика и од Владата на Република Македонија да ја преиспитаат својата политика на директно конфронтирање со сите неистомисленици и да остават простор за елементарен демократски и социјален дијалог со цел одмрзнување на развојот на Република Македонија и унапредување на демократските и социјалните права и слободи.
Борбата на СОНК е и наша заедничка борба за подобра и поправедна иднина, затоа ги повикуваме сите граѓани и организации да застанат во одбрана на оваа борба и да се солидаризираат со штрајкот на СОНК.
До членството на СОНК, Левичарското движење Солидарност има само една порака: истрајте во борбата за своите права! Не сте сами.