Претседателот на Собранието Талат Џафери во продолжението на денешната собраниска седница за разрешувањето на јавниот обвинител Марко Зврлевски даде пауза од еден час на барање од опозицијата.
Спикерот Џафери на почетокот цитираше делови од Деловникот со цел да укаже на тоа на кој начин треба да се санкционираат процедурите за одржување на редот во Собранието на РМ и каква е улогата на Претседателот на Собранието во тој поглед.
Пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ побара пауза од еден час за, како што рече, координирање на неговата пратеничка група.
Милошоски процедурално посочи дека тој не ја узурпира говорницата и со ниту еден негов потег не го нарушил работењето на Собранието и побара да не се крши изборниот законик и да не се толкува произволно изборниот законик кој што е донесен со консензус.
Претседателот на Собранието Талат Џафери, уште еднаш, укажа на член 16 од Законот за спречување на корупција, кој, како што рече, е дециден по однос на обврските за постапување по барањата на мислењата на Комисијата за антикорупција и дека меѓу тие органи што се исклучени е Собранието на РМ.
Посочи дека десетте пратенички групи формирани, како што рече, спротивно на Деловникот може да се однесуваат како сакаат, но тој ќе обезбеди услови за работа на Собранието.
Седницата е предвидено да продолжи во 13:40 часот.
Собранискиот спикер на самиот почеток на денешното продолжение на шестата седница на Собранието даде пауза откако претходно пратениците од ВМРО-ДПМНЕ присутни во салата застанаа пред говорницата. Паузата следеше откако Џафери даде збор на пратеничката Владанка Авирович, а истовремено на говорницата излезе пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ. Откако Милошоски одби да ја напушти говорницата, Џафери побара од обезбедувањето да обезбеди услови за работа бидејќи, како што рече, му нема дадено збор. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ застанаа пред говорницата, а претседателот на Собранието даде пауза.
Претходно на почетокот на продолжението на шестата собраниска седница пратеникот Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ го повтори ставот дека барањето за разрешување на Зврлевски е незаконско и спротивно на Деловникот и повторно побара оваа точка да се симне од дневниот ред.
Како што се наведува во образложението, Владата предлага Собранието да го разреши Јавниот обвинител поради незаконско, ненавремено и недоволно стручно вршење на функцијата. Во документот стои и дека Зврлевски со своето однесување и дејствување покажал дека не е способен за извршување на функцијата и дека го нарушува нејзиниот углед.