Собраниската комисија изгласа дека бракот може да биде само помеѓу маж и жена – ќе се менува Уставот

Од:

Против измените на Уставот се изјаснија пратениците на ДПА. Пратениците од СДСМ и коалициските пратеници не учествуваат во работата на Парламентот.

-Огромното мнозинство граѓани на Република Македонија бракот го перцепираат како заедница меѓу еден маж и една жена, смета пратеникот Влатко Ѓорчев. Со овие уставни измени ќе се оневозможи во иднина само со мнозинство од 42 пратеници да се смени Законот за семејство или со одлука на некој суд. Исто така ќе се оневозможи деца без родители да се посвојуваат само од брачна заедница односно од заедница од еден маж и една жена или од самохрани родители

Нацрт-амандманот го образложи заменик-министерката за правда, Билјана Бришкоска-Бошковски, која потенцира дека со измените во овој дел ќе се овозможи бракот да се дефинира исклучиво како заедница меѓу еден маж и една жена, а регистрирањето на вонбрачната заедница да биде исклучиво меѓу еден маж и една жена.

Координаторот на пратеничката група на ДПА Имер Алиу го повтори ставот дека партијата не ги поддржува уставните измени бидејќи тие во моментот не се приоритет за Албанците во земјата. Според него, Уставот треба да претрпи измени во делот на службената употреба на албанскиот јазик, националното знаме и правичната и соодветна распределба на буџетот. Алиу рече дека тие ќе дебатираат за текстот на амандманите, што според него е исто така дискутабилен.

ДУИ ги поддржува уставните измени и како што рече Рафиз Алити и тие се на ставот да се отвори дебата за нови измени на Уставот за меѓуетнички прашања, но оти тоа останува да се усогласи со коалицискиот партнер.

– Ќе ги поддржиме овие уставни амандмани бидејќи сметаме дека тие се од интерес на сите граѓани на Република Македонија, изјави Алити, кој рече дека ќе гласа за амандманот на Уставот што се однесува на заедницата меѓу еден маж и една жена и вонбрачната заедница бидејќи смета дека мора да се почитуваат природните закони.

Основањето на меѓународна финансиска зона, предвидено со еден од нацрт-амандманите, e замислено како концепт во насока на искористување на трендот во меѓународните финансии каде што меѓународните банки и инвестициски фондови бараат дестинации за да ги минимизираат трошокот и ризикот, појасни вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.

– Тоа е ситуација која што настана посебно по светската економска криза. Македонија треба да ја искористи оваа можност бидејќи има географска локација која што е извонредно поволна во Европа, даночни поволности што ги даваме и во моментов за фирми кои работат во слободни зони и на сличен начин би биле дефинирани во оваа финансиска зона, квалитетна работна сила која што може да одговори на потребите на една финансиска зона и на тој начин би имале корист во две насоки. Прво, во насока на етаблирање на РМ во меѓународната финансиска мапа како дестинација во која што би работеле меѓународни банки, инвестициски фондови и корпорации и второ, креирање работни места кои во случајов би биле со повисока додатна вредност, односно кои ќе креираат и поголем ефект врз БДП на РМ, изјави Ставрески.

Според вицепремиерот зоната нема да биде по примерот на оф-шор дестинациите во светот, каде што се овозможува за даночни потреби да се регистрираат компании, банки и инвестициски фондови и слично.

Меѓу амандманите се и измена на името на Народната банка на Македонија во Банка на Република Македонија, Државниот завод за ревизија со нацрт-амандманот се предлага тој да биде независен државен орган, а неговиот прв човек да го избира Собранието.

Со еден од нацрт -амандманите се предвидува Владата да ја регулира финансиската политика и да одредува дека дефицитот не може да изнесува над три отсто од БДП и јавниот долг да изнесува до 60 отсто од БДП. Последниот амандман се однесува на надлежноста на Уставниот суд, односно дека Судот ќе може да одлучува по уставната жалба за човекови права, како и за одлуките на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители.

Нацрт-амандманите на Уставот на дневен ред на Собранието се на седницата закажана за среда, со што ќе заврши втората фаза од измените на Уставот. Потоа тие ќе одат на 30-дневна јавна дисксуија, по која Владата повторно до Собранието треба да достави предлог-амандмани. Се очекува целата постапка за носење на уставните амандмани да заврши до крајот на октомври.

Би можело да ве интересира

Собранието го донесе Законот за медиуми и други закони

Горан Наумовски

МЗШВ: Собранието го донесе новиот закон за вино, лозарите добиваат гарантирана откупна цена на винското грозје

Нов парламентарен состав до 28 мај

Катерина Ѓуровски

Последната седница на овој парламентарен состав ќе се одржи до крајот на месецов

Не е донесен Законот за игри на среќа, постапката заврши

Катерина Ѓуровски

СДСМ предлага отворање медицински факултет во Битола, ВМРО-ДПМНЕ смета дека нема услови