Собраниска расправа за законот за јазиците

Од:

Собранието на Република Македонија попладнево ја продолжи расправата по Предлог законот за употреба на јазиците.

Пратениците од опозицијата и попладнево го изнесоа својот став за неуставност на решението, за кршење во процедурите, за злоупотреба на европското знаменце. Законското решение, рекоа, нема да ги реши проблемите, ќе го зголеми јазот, и ќе ги дискриминира помалите етнички заедници.

Ставот на пратениците од партиите од власта е дека законот ќе го зголеми соживотот, дека тој е за унапредување на правата, оти не е противуставен и оти не го нарушува унитарниот карактер на државата.

Пратеникот Трајчо Димков, од ВМРО-ДПМНЕ забележа и на немањето дебата, нешто што, како што рече, покрај тоа што е овозможено со кршењето на процедурите и европското знаменце, туку и со откажувањето на пратениците од власта од дискусија по решението. Побара повлекување на законот, со цел да се донесе квалитетно и уставно решение.

Смета дека пратениците од СДСМ мора да го поддржат ова предложено решение бидејќи тоа било услов да се направи коалицијата. Не сум, рече, против донесувањето на ваков закон, но, само доклку е во рамките на уставот и рамковниот договор.

Неговиот сопартиец Антонио Милошовски истакна дека носењето на овој закон не е потреба на обичниот Албанец, туку, како што рече, потреба на функционерите од Албанци од ДУИ да ја покријат својата неспособност и корумпираност.

Трајко Вељаноски од ВМРО-ДПМНЕ, рече дека секогаш е за проширување на правата на помалите етнички заедници, кога тоа е во рамки на Уставот, но, во овој случај, како што рече, не може да даде поддршка бидејќи е неуставен и се носи со кршење на процедурите, несоновано се вметнува европско знаменце.

Претседателот на Собранието Талат Џафери ги предупреди пратениците дека нема да им дозволи да дискутираат доколку излегуваат надвор од темата и доколку не се држат до потребата за донесување ваков закон.

Реплицирајќи на еден од дискутантите од опозицијата, Петар Атанасов од СДСМ истакна оти не е вистина дека се загрозува Уставот или земјата. Можеби, рече тој, е загрозено лидерството на вашата партија или пак резултатите на претстојните избори. За него спорни се само одредбите за казните, кои рече, треба да бидат симболични.

Пратеникот Павле Богоевски истакна дека никој не бега од дебата, оти сега се води расправа само по потребата од носење, а не за самиот закон. И јас мислам, рече, дека не е совршен, но за тоа ќе се дискутира во амандманската расправа. Ако мислевме дека правиме нешто лошо, рече Богоевски, нема тоа да го правевме сега пред локалните избори.

Во расправата на седницата се вадеа стенограми од пратеници на СДСМ кога се носеле закони за јазици во 2008 и 2011 година кои се противеле и изјавувале дека и тие законски решенија, биле надвор од Уставот и Рамковниот договор.

Пратениците забележаа и на, како што рекоа, практиката на Џафери да говори после секој пратеник од опозицијата без неможност за реплика од нив. Јас, рече Џафери, реагирам само кога имате во вашите излагања процедурални забелешки.

На барање на координаторот на една од пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски претседателот на Собранието даде пауза и најави дека Собранието ќе продолжи со работа во 20.30 часот.

Џафери информира дека на 8 септември на координација била договорена динамика за работа на Собранието. Јас тоа, рече Џафери, максимално го испочитував. А вие, потенцира, со ова што го правите сакате да ја закочите работата и да оневозможите утврдување потреба за носење закон во редовна постапка.

Би можело да ве интересира

Митрески: Борбата за работничките права не престанува никогаш

А1он

Собранието го донесе Законот за медиуми и други закони

Горан Наумовски

МЗШВ: Собранието го донесе новиот закон за вино, лозарите добиваат гарантирана откупна цена на винското грозје

Нов парламентарен состав до 28 мај

Катерина Ѓуровски

Последната седница на овој парламентарен состав ќе се одржи до крајот на месецов

Не е донесен Законот за игри на среќа, постапката заврши

Катерина Ѓуровски